Споменикот на Васил Левски во Софија – место на сенародна љубов и благодарност
Споменикот на Васил Левски во центарот на Софија ги отелотворува благодарноста, почитта и стремежот на нацијата кон слобода и чиста република.
Секоја година, во деновите околу 18 јули – датумот на раѓањето на Васил Левски, а особено на 19 февруари – кога ја одбележуваме годишнината од загинувањето на Апостолот, споменикот е прекриен со цвеќиња. Државници и обични луѓе, роднини по крв и по убедување, свечено му оддаваат почит и ја изразуваат својата признателност кон животот и делото на националниот херој. Потоа календарот продолжува понатаму, деновите се нижат и останува само монументот, кој физички нè потсетува на храброста и на цената на народната слобода.
Сместен во центарот на кружна композиција, на една од најпрометните крстосници во градот, споменикот е симбол на саможртвата во името на Татковината. Секој ден!
„Споменикот е место на сенародна љубов. Место на кое луѓето на спонтан начин ги изразуваат својата љубов и признателност кон Апостолот. Така е уште од Ослободувањето, поради што се раѓа и идејата за неговото создавање. Тоа е првиот споменик за кој е донесена одлука да биде изграден во чест на бугарски херој во слободна Бугарија“, раскажува за Радио Бугарија д-р Илија Мечков, главен експерт во одделот „Недвижни културни вредности“ при Регионалниот историски музеј на Софија.
Одлуката за неговото подигнување е донесена на 6 август 1878 година од новоформираниот Софиски градски општински совет, само пет месеци по потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор на 3 март. Градоначалник на Софија во тоа време бил Димитар Хаџикоцев.
Според првичните планови, споменикот требало да биде подигнат за 20 дена во текот на есента, на неколку метри од местото на кое Васил Левски бил обесен во 1873 година. Изградбата траела цели 17 години и чинела повеќе од 75.000 златни лева, раскажува д-р Мечков.
„Споменикот е изграден според проект на првиот софиски градски архитект – Чехот Адолф Вацлав Колар. Тој е автор на некои од најубавите згради во Софија непосредно по Ослободувањето, меѓу кои се Воениот клуб, главната зграда на Воената академија „Георги Раковски“ и хотелот „Бугарија“. Монументот е изграден во неокласицистичкиот стил карактеристичен за Колар. Тој е типичен обелиск, кој потекнува од римската епоха, карактеристична форма за граѓански споменици и за надгробни споменици на видни личности. Особеноста е во тоа што Колар првично имал поинаков проект, кој со текот на времето го менувал.
Вистината е дека, според тогашните архитектонски норми, споменикот изгледа малку необично, бидејќи првичната идеја на Колар била на местото на пирамидалното тело во горниот дел од споменикот да има руски православен крст поставен врз полумесечина, како израз на победата на Русија над Отоманската Империја. На многу места во нашиот град има слична симболика, на пример кај Руската црква, но поради опасност од дипломатски скандал со Турција, чиј вазал било Кнежевството Бугарија во тоа време, градската управа се откажала од таквата идеја. Потоа имало предлог, доколку има повеќе средства, споменикот да биде завршен со бронзена статуа на Васил Левски во природна големина. Ниту тоа не се случило и, по многу перипетии, споменикот го добил својот сегашен изглед.“
Имено, станува збор за корпус од два дела, висок приближно 13 метри, изработен од сив бојански гранит, делумно полиран, а делумно неполиран. Тој е само еден метар понизок од најголемиот споменик на Васил Левски – оној во Ловеч, откриен во 1964 година.
Главниот дел од столбот е дело на италијанскиот каменорезец Абрамо Перукели, а скулпторските орнаменти се изработени од Чехот Франтишек Новак. Откако Софиската општина не го одобрила проектот на Чехот Јозеф Страховски, централниот бронзен релјефен портрет на Апостолот го изработил Австриецот Рудолф фон Вејр, меѓу чии дела е и споменикот на Јоханес Брамс во Виена. Делата на познатиот скулптор главно можат да се видат во Виена.
„Се смета дека фронталниот лик на Левски е еден од најдобрите во бугарското вајарство воопшто“, објаснува д-р Илија Мечков. „Негова копија може да се види одблизу и во Националниот историски музеј во Софија. Тој е изработен според две автентични фотографии на Левски, кои се сметаат за најдобри и најверодостојни претстави на неговиот лик. Изработен е во Виена, а двапати бил пренесуван во Софија и назад заради корекции. Постоела идеја и другите три медалјони на призматичното тело на споменикот да имаат вакви скулпторски релјефи, но, колку што ни е познато, немало доволно средства“, раскажува историчарот.
Недостигот од државни средства во годините кога главниот град „интензивно се уредувал“, како и лошата организација, неколкупати ја запирале изградбата. Дури во 1884 година била создадена специјална комисија, која ги обновила работите на споменикот и тој бил завршен. Официјалното свечено откривање се одржало на 22 октомври 1895 година.
Една од градските легенди вели дека коските на Апостолот биле пренесени и вградени во темелите на споменикот. На 23 јули 1885 година, по предлог на членот на Комисијата за изградба на споменикот Христо Ковачев, била донесена одлука „коските на Левски да бидат извадени од неговиот гроб“ и свечено да бидат положени во темелите на споменикот. Меѓутоа, нема историски докази дека тоа било направено. Во периодот од 1938 до 1941 година биле извршени ископувања под споменикот, при што не било пронајдено ништо.
„За нас, Бугарите, ова е многу трауматично прашање. Постои некаква мистерија околу посмртните останки на Васил Левски, иако и други народи ги имаат ‘изгубено’ своите херои, како што е, на пример, гробот на Сервантес во Мадрид. Можеби духовното наследство е поважно од конкретните реликвии“, смета д-р Илија Мечков.
Тој посочува дека, покрај големиот споменик што го познаваме, во Софија има уште неколку. Меѓу нив е споменикот со постамент на Васил Левски во паркот „Герена“, покрај стадионот „Георги Аспарухов“, кој бил изграден кон крајот на социјалистичкиот период, во 1988 година.
Има и бисти во неколку училишта што го носат името на Ѓаконот, како и многу релјефни плочи поставени на места поврзани со одделни биографски моменти од животот на Левски и со неговата дејност во револуционерните комитети во Софиското Поле. Спомен-плоча е поставена и пред влезот на Националната уметничка галерија, чија зграда пред Ослободувањето била Конакот. Бронзен релјеф има на фасадата на Телефонската палата, а биста се наоѓа во Алејата на истакнатите Бугари во Борисовата градина.
„Софиското Поле, Софија и селата околу градот ги паметат чекорите на Левски. Тој овде оставил значајни историски траги и спомени во меморијата на луѓето“, вели во заклучок бугарскиот историчар.

