Бизнис-климата во Бугарија се подобрува, невработеноста со благ раст, но е меѓу најниските во ЕУ
Вкупниот показател на бизнис-климата во Бугарија во јули 2026 година се зголемил за 0,7 процентни поени – од 16,1 на 16,8 отсто, покажуваат податоците на Националниот статистички институт (НСИ). Подобрувањето главно се должи на поповолните оценки во индустријата и градежништвото, јавува БГНЕС.
Во индустријата показателот пораснал од 16,1 на 17,2 отсто. Иако претприемачите попозитивно ја оценуваат состојбата на своите компании, тие забележуваат намалување на новите нарачки и имаат неповолни очекувања за производството. Искористеноста на капацитетите изнесувала 72,9 отсто, а главни проблеми остануваат економската неизвесност и недостигот од работна сила.
Најголемо подобрување е забележано во градежништвото, каде што бизнис-климата пораснала од 11,1 на 15,6 отсто. Компаниите очекуваат повеќе нарачки и засилување на активноста, но се соочуваат со недостиг од работници и високи цени на материјалите.
Во трговијата на мало показателот останал речиси непроменет – 27,2 отсто, додека кај услугите се намалил од 9,8 на 7 отсто поради повоздржаните очекувања и слабата побарувачка.
Истовремено, невработеноста во Бугарија во јуни се зголемила од 2,9 на 3 отсто, покажуваат податоците на Евростат. Без работа биле 92.000 лица, наспроти 88.000 во мај. Сепак, заедно со Кипар, Бугарија има најниска невработеност во Европската Унија, јавува БТА.
Во ЕУ невработеноста останала 6 отсто, а во еврозоната 6,3 отсто. Највисока стапка имала Шпанија со 10,1 отсто, а по Бугарија и Кипар следуваат Полска со 3,1 и Чешка со 3,3 отсто.
Младинската невработеност во Бугарија се зголемила од 11,6 на 12,6 отсто. Во ЕУ таа изнесувала 15,5 отсто, а во еврозоната 14,8 отсто.
