| |

Софискиот универзитет и Државниот универзитет „Остин Пи“ од САД потпишаа меморандум за соработка

Ректорката на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. Елиза Стефанова, и ректорот на Државниот универзитет „Остин Пи“ во Кларксвил, Тенеси, д-р Мајкл Ликари, потпишаа меморандум за долгорочна академска соработка меѓу двете високообразовни институции, соопшти Софискиот универзитет, пренесува БТА.

Меморандумот предвидува размена на студенти и наставници двапати годишно, поддршка на заедничката академска работа и можност кон рамката за соработка да се приклучат и други американски и бугарски универзитети.

Партнерството ќе биде насочено кон политиките за безбедност, одржливиот развој и продлабочувањето на билатералната соработка. Размената ќе ја координираат Институтот за национална безбедност и воени истражувања при Државниот универзитет „Остин Пи“ и Катедрата за политички науки на Филозофскиот факултет при Софискиот универзитет.

Вршителот на должноста амбасадор на САД во Бугарија, Х. Мартин Мекдауел, изјави дека договорот го проширува повеќедецениското партнерство меѓу Националната гарда на Тенеси и Бугарија и во академската сфера.

Проф. Стефанова изрази уверување дека соработката нема да се ограничи само на размена на студенти и наставници, туку ќе вклучува и поактивни иницијативи и продлабочување на врските меѓу истражувачите од двата универзитета.

Слични Објави