НАТО ќе ги зголеми ресурсите во Црноморскиот регион поради растечките закани од дронови
НАТО одлучи да ги зголеми своите ресурси во Црноморскиот регион за да ја зајакне безбедноста поради растечките закани од дронови. Одлуката беше донесена откако амбасадорите на сојузничките држави ја разгледаа ситуацијата на состанок на Северноатлантскиот совет – највисокото тело на Алијансата за донесување политички одлуки, јавува БГНЕС.
„НАТО ќе испрати дополнителни ресурси во регионот, вклучително и поддршка за набљудување, разузнавање и форензички експертизи. Ќе останеме обединети и ќе гарантираме дека сме подготвени и способни да се справиме со секоја закана и да ги заштитиме нашите граѓани“, изјави портпаролката на Алијансата, Алисон Харт.
Таа нагласи дека НАТО веќе го засили своето воено присуство на источното крило, особено со способности за спротивставување на дронови, со цел да ја подобри заштитата на земјите членки од потенцијални воздушни напади.
Харт не прецизираше какви дополнителни ресурси ќе бидат испратени ниту кога ќе бидат распоредени. Сепак, соопштението означува ново зајакнување на способностите на НАТО за набљудување и заштита во Црното Море по неодамнешните напади со дронови врз трговски бродови во близина на Романија и Бугарија. Состанокот во вторникот се одржа по средбата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, со романскиот претседател Никушор Дан и бугарскиот премиер Румен Радев минатиот четврток во рамките на Европскиот совет.
