| |

БНБ: Добивката на банките во Бугарија порасна за 12 проценти на годишна основа и достигна 1,6 милијарди евра на крајот на септември

Добивката на бугарскиот банкарски систем на крајот на септември 2026 година достигна 1,6 милијарди евра, што е зголемување за 12,3 проценти, односно за 177 милиони евра во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Бугарската народна банка (БНБ), пренесува БТА.

Во третото тримесечје, активата на банкарскиот систем се зголемила за 3,4 милијарди евра, или за 2,8 проценти, достигнувајќи 124,4 милијарди евра. Стапката на ликвидносна покриеност на крајот на септември изнесувала 263,1 процент, наспроти 261,2 проценти на крајот на јуни, при минимално регулаторно барање од 100 проценти.

Бруто-кредитното портфолио на банките пораснало за 2,2 милијарди евра, односно за 3,1 процент на квартална основа, на 72,5 милијарди евра. Најголем придонес имале кредитите за домаќинствата, кои се зголемиле за 1,7 милијарди евра, или за 5,1 процент. Од тоа, 1,1 милијарда евра се однесуваат на растот на кредитите обезбедени со станбен недвижен имот.

Кредитите за нефинансиските претпријатија се зголемиле за 684 милиони евра, или за 2,2 проценти, а за другите финансиски претпријатија за 207 милиони евра, односно за 3,9 проценти. Кредитите за секторот држава се намалиле за 401 милион евра, или за 35,2 проценти.

Вкупните бруто-кредити и аванси на крајот на септември достигнале 83,8 милијарди евра, што е квартален раст од 733 милиони евра, односно 0,9 проценти.

Депозитите во банкарскиот систем во третото тримесечје се зголемиле за 2,3 милијарди евра, или за 2,3 проценти, на 103,6 милијарди евра. Најголем придонес имале депозитите на нефинансиските претпријатија, со раст од 1,4 милијарди евра, односно 5,3 проценти.

Депозитите на домаќинствата пораснале за 851 милион евра, или за 1,5 процент, а на кредитните институции за 333 милиони евра, односно за 3,3 проценти. Намалување е забележано кај депозитите на секторот држава, за 192 милиони евра, и кај другите финансиски претпријатија, за 102 милиони евра.

Бруто-нефункционалните кредити и аванси на крајот на септември изнесувале 2,2 милијарди евра, што е намалување за 28 милиони евра, или за 1,3 проценти во однос на крајот на јуни. Нивното учество во вкупните бруто-кредити и аванси се намалило од 2,65 на 2,59 проценти.

Нето-вредноста на нефункционалните кредити и аванси, по одбивањето на соодветната исправка на вредноста, изнесувала една милијарда евра, што е за девет милиони евра помалку во споредба со крајот на јуни. Нивното учество во вкупната нето-вредност на кредитите и авансите се намалило од 1,26 на 1,24 проценти.

Според БНБ, расходите за обезвреднување на финансиските средства што не се мерат по објективна вредност преку билансот на успех достигнале 382 милиони евра. Тоа е зголемување за 134 милиони евра, или за 54 проценти, во споредба со расходите пресметани до крајот на септември 2025 година.

Слични Објави