Бугарија привлекува странски студенти најмногу во медицината: 87,3% доаѓаат од Европа
Бугарија се издвојува на европската карта на студентската мобилност со јасно изразен регионален профил и висока застапеност на странски студенти во здравствените студиски програми. Во 2024 година, 87,3% од странските студенти запишани на високообразовните установи во Бугарија потекнуваат од други европски држави. Тоа ја вбројува земјата меѓу државите со највисок удел на европски студенти во оваа група – веднаш по Словачка, каде што тој изнесува 90,8%, и на исто ниво со Словенија, пренесува БГНЕС, повикувајќи се на податоците на Евростат.
Образовниот профил на Бугарија е уште поизразен кога станува збор за изборот на студиска програма. Здравството и социјалната грижа се најпопуларната област меѓу странските студенти во Бугарија – во неа студираат 60,6% од нив. Просекот во ЕУ изнесува 13,7%. На европско ниво, најпопуларни се бизнисот, администрацијата и правото со 22,1%, по што следуваат инженерството, производството и градежништвото со 17,9%.
Структурата според степенот на образование, исто така, ги покажува особеностите на Бугарија. Од вкупно 15.438 странски студенти евидентирани во 2024 година на додипломски, магистерски и докторски студии, 10.621 се на магистерски, 4.269 на додипломски, а 548 на докторски студии. Во Бугарија, како и во Латвија, Литванија, Холандија и Романија, најголем дел од странските студенти се запишани токму на магистерски студии. Во ЕУ во целина, распределбата е порамномерна: 44% се на додипломски, 44,9% на магистерски, 8,8% на докторски студии, а 2,3% се во кратки студиски програми.
Сепак, состојбата во Бугарија треба да се разгледува во контекст на значителното проширување на европската студентска мобилност. Според деталната статистичка публикација на Евростат, во 2024 година во ЕУ студирале 1,83 милиони странски студенти. Германија е водечка дестинација со 438.300 студенти, односно 24% од вкупниот број, по што следуваат Франција со 284.900 и Холандија со 176.500. Овие три држави примаат повеќе од половината од сите меѓународно мобилни студенти во Унијата.
Европската цел е до 2030 година најмалку 23% од дипломираните студенти да поминале период на студирање во странство, а Унијата годишно да прима најмалку 350.000 лица од држави надвор од ЕУ за образование и обука.
