ЕУ бара конкретни резултати од спроведувањето на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија
Сите 27 земји членки на ЕУ го усогласија текстот на декларацијата за самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, во кој се бара совесно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и постигнување конкретни резултати, јави БГНЕС.
Во текстот се нагласува дека регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи се клучни за заедничката иднина на регионот. Меѓу меѓународните договори од чие спроведување се очекуваат конкретни резултати е и Преспанскиот договор меѓу Скопје и Атина. Според БГНЕС, Србија е единствената земја од регионот што нема да учествува на самитот и нема да ја поддржи декларацијата.
„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето е реална можност што треба да се искористи“, се вели во текстот. Од земјите во регионот се бара да ги забрзаат реформите и со конкретни постапки да ја покажат посветеноста на демократијата, основните права и владеењето на правото. Напредокот на секоја земја кандидатка ќе зависи од нејзините постигнувања.
ЕУ ги повикува Белград и Приштина да го искористат сегашниот политички момент за да постигнат напредок во спроведувањето на сите договори. Финансиската поддршка за двете страни преку Механизмот за реформи и раст е условена со конструктивно учество во дијалогот и мерливи резултати во нормализацијата на односите.
Од земјите во регионот се очекува и усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и примена на санкциите на Унијата. Во декларацијата се наведува дека се разгледуваат нови предлози за постепена интеграција пред полноправното членство, без утврдени рокови. ЕУ повикува на побрзо спроведување на реформите за земјите да ги искористат средствата од Планот за раст за Западен Балкан, вреден шест милијарди евра.
