| |

ХУМАНИТАРНА ЛОТАРИЈА ВО ПРИЛЕП ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИ БЕБИЊА

На 18-ти ноември, во бифето на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“- Прилеп, по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња (17-ти Ноември), група на мајки со предвремено родени деца, организираат хуманитарна лотарија од која сите добиени средства ќе бидат наменети за одделението на неонатологија во Градската општа болница- Прилеп. На настанот ќе се укаже и на проблемите со кои се соочуваат семејствата и предвремено родените бебиња. Во оваа лотарија голема поддршка ќе дадат малите градски дуќани, слаткарници итн. кои донираат производи за лотаријата.

Предвременото породување е актуелен глобален проблем кој се повеќе се става во фокусот на здравството. На секоја бремена мајка може да и се случи предвреме да го роди бебето, но тоа некогаш може да биде фатално, додека пак некои предвремено родени бебиња се здрави и нормални како и другите.

Предвремено породување е секое породување каде што бременоста завршила со раѓање на незрело новороденче пред да биде комплетирана 37 г.н. од бременоста.
Постојат три подгрупи на незрелост, и тоа:

1.умерено незрели новороденчиња(33-36г.н.)

2.многу незрели(28-32г.н.)

3.екстртемно незрели новороденчиња(под 28 г.н.)

Според родилната маса новороденчињата може да бидат со тежина под 2500гр.и се водат како бебиња со мала родилна тежина, потоа новородени со многу мала родилна тежина под 1500гр. Последната група се новороденчиња со екстремно мала родилна тежина под 1000гр.
Инциденцата на предвремено родените деца се движи околу 10 проценти, односно едно на 10 живородени новороденчиња. Овој процент и покрај развојот на современата медицина е во благ пораст.

Причините за предвременото породување се повеќекратни:
-проблеми со матката, постелката, околуплодовата вода
-генито-уринарни инфекции кај мајката
-хипертензија кај мајката
-дијабетес
-гестоза
-забременување на возраст под 18 години
-повеќеплодна бременост
-вештачки потпомогнато породување
-аномалии кај плодот или интраутерин за остаток во развојот
-во голем процент предвремените породувања се од непозната (идиопатска) причина

Најчести проблеми кај предвремено родените деца се:
-потешкотии со дишењето поради незрелост на белите дробови (респираторен дистрес синдром)
-престанок на дишењето поради незрелост на центарот за дишење
-жолтица (поради незрелост на црниот дроб)
-ретинопатија и голем број на други проблеми кои што се поврзани со незрелоста на сите органи

Прематуритетот и компликациите поврзани со незрелоста на новороденото се главни причини за болестите и смртноста на децата до петгодишна возраст. Затоа е препорачано секоја нова бременост да биде планирана. Здравиот животен стил и квалитетната здравствена грижа се предуслов за здрава и уредна бременост. Од друга страна редовната физичка активност, здравата исхрана, апстиненцијата од пушење и цигари, неконсумирањето на алкохол и наркотични дроги, како и заштитата од сексуално преносливите болести се важен фактор за секоја бремена жена. Редовните гинеколошки прегледи се предуслов за рано откривање и соодветен третман на секое заболување.

Одбележувањето на 17 Ноември како Светски ден на предвремено породени деца, има за цел да се најдат решенија, и соодветна превенција за да се спречат компликациите кои доведуваат до предвременото породување.



Слични Објави