|

Јанчева: Арсовска да каже по кој основ на фирмата на Петар Георгиевски-Камиказа биле исплатени 14.000 евра

Откако Петар Георгиевски – Камиказа призна дека добил 14.000 евра за озвучување на прославата на новогодишната ноќ на плоштадот, на ред е Данела Арсовска да излезе пред граѓаните и да даде одговори. Кој му платил на Георгиевски за озвучувањето? По кој основ на фирмата на Георгиевски и биле исплатени 14.000 евра?, истакна на прес-конференцијата Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

Градот Скопје вчера официјално соопшти дека парите се платени директно на изведувачите, рече Јанчева и дека изведувачите, озвучувањето и осветлувањето не биле ангажирани од градот.

Како е можно, праша таа, друго правно лице да организира дочек на Нова година во име на град Скопје и врз која основа.

„Кој може во име на градот да плаќа кон фирми кои биле ангажирани за прославата? Дали парите на сите учесници се платени во кеш?. Ова е скандал кој може да биде основа за корупција. Особено ако нстапот на Георгиевски претходно бил договорен“, рече Јанчева.

Според неа, очигледно е дека коалицијата меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ функционира и на локално ниво и освен што е деструктивна, таа сега, како што спореди Јанчева, прераснува во кеш коалиција меѓу двете партии.

„Арсовска да излезе пред граѓаните и да ги даде сите одговори, наместо да се крие зад штури соопштенија од Град Скопје“, повика координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Извор: Temite



Слични Објави