АРБЕР АДЕМИ ЈА ПРЕЗЕДЕ МИНИСТЕРСКАТА ФУНКЦИЈА

//

Досегашниот заменик министер за образование и наука Арбер Адеми денеска официјално ја презеде челната позиција во Министерството за образование и наука.

На примопредавањето на функцијата, Адеми се заблагодари на Владата, на претседателите на коалициските партии во Владата и на Собранието за дадената доверба да раководи со ресорот, нагласувајќи дека фокусот на работата останува насочен кон реформирањето на основното и средното образование, преку усвојување и примена на новите законски решенија, наставни програми и учебници со подобрена содржина, поголема промоција на средното стручно образование, доследна примена и почитување на новиот Закон за високо образование, како и заложби за повеќе средства за науката и истражувањето.

„Во периодот што следи ќе продолжам со ист ентузијазам и со реализација на зацртаните приоритети, проекти, мерки активности кои впрочем и се дефинирани во програмата за работа на Владата, како и во стратешките документи на Министерството за образование и наука, односно во Стратегијата за образование 2018-2025, Стратешкиот план за работа и во програмата за работа“, истакна Адеми.

Потенцираше дека останува отворен за соработка со сите општествени чинители кои се засегнати директно и со оние кои имаат добри предлози и идеи како да се прошират и подобрат образовните можности за граѓаните на Република Македонија.



Тој изрази задоволство и се заблагодари за досегашната работа и соработка со министерката Рената Дескоска на која и посака успех и позитивни резултати во новиот ресор со кој ќе раководи во следниот период.

Претходна статија

АДЕМИ НА ОДДЕЛНИ СРЕДБИ СО КОСОВСКИОТ АМБАСАДОР И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИЧЕВО

Следна статија

СРЕДБА НА КОМИСИЈАТА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ И БУЏЕТ СО ПРЕТСТАВНИЦИ НА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА И ЕКСПЕРТИ ВО ОБЛАСТА НА РЕВИЗИЈАТА ОД ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ

Најново од Вести