Австрискиот канцелар во Белград со остро предупредување до Србија
Австрискиот канцелар Кристијан Штекер ја посети Србија во средината на август со јасна порака од Европската Унија – Белград мора значително да го подобри почитувањето на независноста на медиумите и владеењето на правото, јавува БГНЕС.
Иако официјалната агенда вклучуваше теми како билатералните односи, економската соработка и интеграцијата на Србија во ЕУ, дипломатски извори потврдуваат дека вистинската цел на посетата била политичка. Штекер се сретна со премиерот Ѓуро Мацут и со претседателот Александар Вучиќ, потпиша декларација за продлабочување на економските врски и го потврди учеството на Австрија на EXPO 2027 во Белград.
Посетата опфати и кратка тура во Црна Гора, со цел вниманието да не биде целосно насочено кон Србија. Според изворите, Штекер му порачал на Вучиќ дека мора суштински да го промени односот кон независните медиуми и владеењето на правото.
Во моментот на посетата, низ Србија се одвиваа масовни протести, при што приврзаници на владејачката партија, под полициска заштита, напаѓаа демонстранти. Австриските медиуми јавија дека посетата била исклучителна поради моментот и невообичаената итност.
Канцеларот ја отвори и темата за српската дијаспора во Австрија, предупредувајќи дека Белград не смее да ја користи за политички цели. На заедничката прес-конференција, Вучиќ ги обвини австриските медиуми дека го претставуваат како диктатор, на што Штекер возврати дека критичките прашања се суштински дел од медиумската слобода и дека мора да се прифатат.
