БЕКТЕШИ: НАШАТА ЦЕЛ Е ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНОСТА И НА НЕТО ПЛАТИТЕ
Министерот за економија Крешник Бектеши и претставници од земјите од регионот дадоа свои видувања на министерскиот панел посветен на државната помош за инвеститорите, во рамки на Европскиот самит на слободни зони што од денеска се одржува во Скопје со над 350 учесници.
„Во претходнава декада механизмот за државна помош во Северна Македонија беше оценет со недостаток на транспарентност и немање на вистинска економска логика, во смисла на износот потрошен за напорите за привлекување наспроти новоотворените работни места создадени од новите странски инвестиции и придобивките за локалната економија. Со цел да се реши проблемот, новата Влада го воведе Планот за економски раст и подобрување на животниот стандард на земјата, кој е преточен во владината политика по јавна дебата со бизнис секторот. Факт е дека напорите за унапредување на СДИ треба да бидат придружени со одредени владини стимулации, но пристапот на Владата има за цел понатамошно поврзување и развој на локалната економија во партнерство со компаниите кои работат во технолошките индустриски развојни зони во земјата. Еднаквиот третман на домашните и странските инвеститори придонесе за намалување на јазот меѓу нив, а целта е понатаму да се зголеми вработеноста и да се стимулира зголемувањето на нето платите“, истакна Бектеши.
На дебатата се разговараше за усогласување на регионот за политиките и унифицирањето на ставовите околу доделувањето на државната помош, поради потребата за нејзино усогласување на иницијатива на ЕУ.
Антоанета Барес, генерален директор на Националната компанија за индустриски зони во Бугарија истакна дека нејзината земја, како членка на ЕУ ги следи движењата во еврозоната, како што се брзите процедури, можноста за купување земјиште и инвестирање во зоните. Но, според Барес, најголемиот проблем на Бугарија е недостатокот на работна сила, па оттаму потребата заеднички, во партнерство со земјите од регионот да се работи на произведување на квалитетен кадар кој ќе биде осопособен да работи со висока технологија, карактеристична за компаниите присутни во технолошките зони.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони на Северна Македонија , Александар Младеновски, упати порака дека државната помош не е најважната работа, туку создавањето на квалификувана работна сила.
„По квалификуваната работна сила доаѓа инфраструктурата што ја нуди зоната, па на крај доаѓа државната помош“, рече Младеновски.
На панел дискусијата учествуваше и Драган Костиќ, директор на одборот на Светската организација на слободни зони и директор на Слободната зона Пирот, кој целосно се согласи со ставот на неговиот македонски колега, укажувајќи дека главниот предизвик за зоните е брзо и ефикасно да ги обезбедат потребните услови за компаниите заинтересирани за инвестирање, како што се инфраструктурата и царинското управување.
Директорот на “Enterprise Greece” Стерјулис Григорис потсети на бизнис форумот меѓу компании од Северна Македонија и од Грција кој неодамна се одржа во Скопје.
„Пред месец дена бевме во оваа сала со стотина бизнисмени од Грција и од нив ја слушнав пораката за заедничка соработка. Би сакал да нагласам дека Грција целосно ја поддржува Северна Македонија што поскоро да влезе на пазарот на ЕУ. Државите од регионот имаат потреба од економска соработка и на тој начин сите ќе имаме подобри резултати. А влезот во слободните зони овозможува зголемување на опсегот на глобализацијата“, порача Григорис.
По завршување на министерската панел дискусија беше потпишан договор за соработка помеѓу ТИРЗ и Светската организација на слободни зони, а во попладневните часови се закажани панели на темите „Иднината на слободните зони и предизвиците со кои се соочуваат“, „Нелегална трговија и нејзините ефекти врз слободните зони и нивните безбедни програми“ и „Формирање здружение кое ќе ги опфати сите видови зони“, додека во текот на утрешниот ден е предвидена посета на слободната економска зона во Скопје.