|

Битиќи за односите со Бугарија: Клучно е железничката инфраструктура меѓу Скопје и Софија да профункционира час поскоро

Комисиите за економија и за инфраструктура што ги предлага бугарскиот премиер Кирил Петков се важни за да се унапреди економската соработка, оценува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во предновогодишното интервју за МИА.

– Склон сум да кажувам дека соработката треба да доаѓа на природен начин, но кога тоа не е возможно, тогаш мора да креираш одредени тела кои мора да дадат јасна зададена агенда. Ние искрено се обидуваме да покажеме дека сме отворени за соработка, не само со Република Бугарија, туку и со секоја соседна земја, затоа што силно веруваме во принципот на регионална конкурентност. Колку повеќе соработуваме, толку повеќе добробит за нашите граѓани, вели вицепремиерот Битиќи.

Најдобар пример за тоа, според него, е Преспанскиот договор, со кој, не само билатералните, туку и економските односи со соседна Грција, ги даваат првите резултати, како што се изградбата на интерконекторот, терминалот Александруполис и гасната електрана.

Во видео интервјуто, што во целост ќе биде објавено утре, вицепремиерот Битиќи порачува дека и за Македонија и за Бугарија е важно железничката инфраструктура да профункционира час поскоро.

– Без разлика што во овој период добивме на двапати вето од Република Бугарија, ние продолживме со напорите за подобрување на патната и железничката инфраструктура кон нашиот сосед. Само што заврши тендерот и моето очекување е дека веќе во март ќе ги воведеме во работа компаниите за продолжување на железничкиот коридор кон Бугарија и некаде во јуни ќе биде објавен тендерот за третата фаза со што финално го заокружуваме Коридорот 8 кон Република Бугарија. Според проекциите, би требало да заврши до 2025 година наспроти бугарските планови кои велат дека до 2027 година би требало да биде завршена железницата. Комисијата треба да го усогласи тоа, затоа што ниту за Република Бугарија, ниту за нас, е добро железницата да заживее во 2027 година. Треба да седнеме и да направиме напори час поскоро тоа да го имаме. Затоа сметам дека комисиите ќе бидат битни за да ја дефинираат јасната агенда, за да ги елиминираат евентуалните законски пречки, ако ги има, за компаниите и стопанствениците да соработуваат. Од друга страна зошто да не креираме и законски можности со кои ќе се унапреди соработката на компаниите и инвестициите взаемно – бугарски инвестиции во С. Македонија и македонски инвестиции во Бугарија, истакнува Битиќи.

Во интервјуто, вицепремиерот открива и дали ќе има рестрикции на струјата по Нова година, дали не очекува нов ценовен шок по 31 јануари кога завршува одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти, како и за неговите очекувања од иницијативата „Отворен Балкан“. Вицепремиерот одговара и на прашањето дали ќе остане на функцијата во новата влада.

Извор: Zoom. mk



Слични Објави