Бугарија е меѓу осумте земји-членки, што го блокираа отворањето на Кластер 3 за Србија во преговорите со ЕУ
Бугарија е меѓу осумте држави од 27-те земји членки на Европската Унија кои се противат на отворањето на Кластер 3 во преговорите за пристапување на Србија, јавува БГНЕС.
На седницата на амбасадорите на земјите членки во Брисел (Корепер), против отворањето на Кластер 3, кој ги опфаќа конкурентноста и инклузивниот раст, се изјасниле Нидерландија, Шведска, Финска, Белгија, Естонија, Литванија, Бугарија и Хрватска.
Данска, Луксембург и Латвија не изразиле категорично несогласување, но сè уште не се убедени, додека Франција останува меѓу главните поддржувачи на напредокот на Србија.
За отворање или затворање на кој било преговарачки кластер е неопходно едногласно одобрување од сите 27 земји членки на ЕУ.
Портпарол на Европската комисија изјавил за „Евроњуз“ дека во понеделник до земјите членки бил испратен документ во кој се објаснува зошто Комисијата смета дека „последните чекори“ на српските власти го оправдуваат отворањето на Кластер 3.
Според документот во кој „Евроњуз“ имал увид, Србија исполнила значителен дел од преземените обврски, вклучително и повлекување на спорните измени во законодавството за судството, како и постигнување напредок во областа на медиумската слобода, изборната рамка и соработката со ЕУ за прашања од надворешната и безбедносната политика.
Иако Белград сè уште не ја усогласил својата политика со санкциите на ЕУ против Русија поради војната во Украина, Европската комисија наведува дека Србија соработувала во спречувањето на заобиколувањето на санкциите, ѝ дала значителна поддршка на Украина и ги засилила политичките контакти на високо ниво со Киев.
Во документот, исто така, се признава дека реформите не се завршени и дека е потребен дополнителен напредок во реформата на судскиот систем и обвинителството.
Денешната седница беше свикана за да се утврди дали земјите членки ја споделуваат оценката на Европската комисија.
Еден од дипломатите, кој сакал да остане анонимен, изјавил за „Евроњуз“ дека противењето на осумте земји главно се должи на проблемите со владеењето на правото во Србија и нејзиното одбивање да се приклучи кон санкциите против Русија.
Друг дипломат посочил дека неколку земји членки ја поддржуваат позитивната оценка на Европската комисија, според која Србија ги исполнила или е на пат да ги исполни критериумите за отворање на Кластер 3.
Во последните недели, повеќе високи претставници на ЕУ јавно го поддржаа отворањето на кластерот, особено откако српскиот претседател Александар Вучиќ во јуни ги повлече спорните измени во законодавството за судството по препорака на Венецијанската комисија.
Меѓу најактивните поддржувачи на овој чекор е еврокомесарката за проширување Марта Кос, во чија родна земја, Словенија, пред неколку месеци беа објавени податоци дека била соработник на поранешната југословенска тајна служба УДБА.
„Во светло на последните позитивни случувања, Комисијата ја обнови својата препорака до Советот да го отвори Кластер 3 во преговорите за пристапување со Србија“, изјави Кос за време на дебата во Европскиот парламент во Стразбур.
Таа додаде дека Европската комисија ќе продолжи да го поттикнува натамошниот напредок на реформите во интерес на сите граѓани на Србија и на српското општество.
