Бугарија го награди светскиот првак во кревање тегови Карлос Насар со 110.000 евра
Бугарскиот кревач на тегови Карлос Насар ќе добие награда од 110.000 евра од Министерството за млади и спорт на Бугарија за успехот на Светското првенство во Нингбо, Кина, каде што ја освои четвртата светска титула и постави светски рекорд. Бугарскиот премиер Румен Радев го прими шампионот во седиштето на Владата, јави БГНЕС.
Насар триумфираше во категоријата до 95 килограми на првенството што се одржа на почетокот на ноември. Со вкупно 415 килограми во двобој постави нов светски рекорд. Според БГНЕС, неговиот успех е без преседан за бугарски спортист во индивидуален спорт.
„Она што го видовме – неверојатниот триумф во Кина – е доказ дека човечките можности немаат граници и дека со верба, дисциплина и посветеност може да се освои и највисокиот врв“, изјави Радев.
Премиерот го истакна и влијанието на Насар врз младите во Бугарија.
„Твојата најголема победа е што инспирираш илјадници млади смело да сонуваат, да не се откажуваат пред тешкотиите и да веруваат во себе. Од тебе учат нешто многу вредно – победниците не се раѓаат на победничкиот подиум, туку се градат секојдневно со труд, посветеност, карактер и дисциплина“, рече Радев.
Насар се заблагодари за поканата и за признанието.
„Му благодарам на премиерот што ме покани овде пред вас. Му благодарам и на министерот за спорт за наградата што ја добивам. Сакам на сите да ви се заблагодарам што ги забележувате моите успеси, што се радувате заедно со мене и што со вашата поддршка можам да продолжам да се борам за бугарското кревање тегови“, изјави Насар.
По средбата, шампионот зборуваше пред новинарите за поддршката од бугарската Влада, за претстојните натпревари и за понудите од други земји.
„За мене е доволно. За спортот ова е чекор напред. Спортот бара грижа и труд. Оттаму доаѓаат и резултатите. Така се одржува континуитетот на успесите и се чува силата на бугарскиот дух. Можеме само да ѝ се заблагодариме на Владата за овој гест.
До крајот на неделава имам натпревари во Германија, а во декември ме очекува Светскиот куп во Катар. И натаму добивам понуди од други земји. Има и нови кандидати. Засега ќе ги задржам понудите за себе. Веќе одбив“, рече Насар.
„Очекувам да ги видам сите спортисти на изборот за спортист на годината. Да се забавуваме и да поминеме време заедно“, додаде тој.
