Бугарија го одбележува Денот на народните будители
Бугарија денеска, 1 ноември, го одбележува Денот на народните будители, посветен на книжевниците, просветителите и борците за национално ослободување кои придонеле за зачувување на духовните вредности и националната свест, пишува БТА.
Меѓу личностите чие дело се чествува се св. Иван Рилски, Неофит Бозвели, браќата Димитар и Константин Миладинови, Георги С. Раковски, Васил Левски, Христо Ботев, Иван Вазов, Љубен Каравелов и Добри Чинтулов.
Празникот првпат бил одбележан во 1909 година во Пловдив. Во 1922 година, тогашниот министер за просвета Стојан Омарчевски предложил 1 ноември да биде прогласен за Ден на народните будители.
Со указ на цар Борис Трети, од 1 ноември 1923 година денот станал општонароден празник во спомен на заслужните Бугари.
Празникот бил забранет во 1945 година, а неговото одбележување било обновено во 1992 година. На 28 октомври таа година, 36. Народно собрание усвоило дополнување на Законикот за труд, со кое 1 ноември официјално бил прогласен за Ден на народните будители и за ненаставен ден за сите образовни установи во земјата.
Омарчевски, кој бил министер за просвета во владата на Стамболијски од 1920 до 1923 година, е поврзан и со значајни образовни реформи. Во неговиот мандат било воведено задолжително и бесплатно седумгодишно основно образование и била поттикната изградбата на нови училишта.
