Бугарија го одбележува Европскиот ден на донорството во услови на намален број трансплантации
Бугарија се приклучува кон одбележувањето на Европскиот ден на донорството и трансплантацијата на органи, со осветлување во зелена боја на фасадите на 40 јавни објекти ширум земјата. Иницијативата има за цел да ја подигне свеста за важноста на донорството и неговата улога во спасување човечки животи.
Сепак, најновите податоци покажуваат загрижувачки пад на бројот на донорски ситуации и извршени трансплантации. Во текот на 2024 година во земјата се реализирани 16 донорски ситуации и 32 трансплантации од починати донори, додека во 2023 година бројот изнесувал 40. Од почетокот на оваа година до сега, болниците препознале само 9 донорски случаи, благодарение на кои 18 лица добиле нова шанса за живот. Истовремено, околу 900 граѓани официјално чекаат на трансплантација, а десетици се оперираат во странство.
За промоција на донорството, Агенцијата за медицински надзор во 2024 година потрошила 460 илјади лева за концерти, мото-собири, спортски настани, конференции, документарен филм, социолошко истражување и кампања на социјалните мрежи. Дополнително, биле издвоени речиси 600 илјади лева за обуки на медицински персонал во областа на трансплантацијата, вклучувајќи и онлајн курсеви. Најголемиот дел од трошоците бил направен во последните три месеци од годината.
По медиумските извештаи за државните средства потрошени за промотивни активности, Министерството за здравство спроведе внатрешна проверка, која не утврди неправилности во трошењето.
Од Министерството потсетуваат дека едно донорство може да спаси до седум човечки животи и апелираат за поголема јавна свесност и солидарност во поддршка на донорството како хуман чин.

