Бугарија ќе ѝ донира оклопна техника на Украина
Комисијата за одбрана во бугарскиот парламент усвои предлог-одлука за дополнително обезбедување воено-техничка поддршка за Украина, јавува БГНЕС.
БСП и Преродба се спротивставиле на предлогот, но со гласовите на пратениците од ГЕРБ-СДС, ПП-ДБ, ДПС и ИТН предлог-одлуката беше усвоена. При гласањето „за“ гласаа 10 пратеници, „против“ 5, а „воздржани“ немаше.
Предлог одлуката ја поднесоа пратениците Бојко Борисов, Ивајло Мирчев, Делјан Пеевски, Десислава Атанасова, Атанас Атанасов, Христо Гаџев, Кирил Петков и Мустафа Карадаи.
Од МВР посочија дека ја поддржуваат иницијативата и стојат зад неа. „За нас оваа техника не ни носи ништо, па дури и ни попречува. За нас е важно оваа помош за Украина да се спроведе што е можно поскоро“, изјави заменик министерот за внатрешни работи Стојан Темелакиев. „Ќе ја предадеме достапната опрема каква што е. Министерството за внатрешни работи нема да се занимава со поправки“, додаде тој.
Заменик-министерот за одбрана Атанас Запријанов истакна дека потребите на бугарската армија се одредуваат според потребите. „Сите наши формации во моментов се опремени. Не ни требаат, убаво е да ги донираме. Не дебатираме дали да ги донираме или не, туку како да го направиме тоа побрзо“, прецизира тој. Според него, по објавувањето на пакетот оклопни возила кои повеќе не се неопходни за потребите на Министерството за внатрешни работи, Украина ќе каже што точно им треба во подготвениот пакет.
Ивајло Мирчев од ПП-ДБ коментира дека се дебатира преку кое министерство да се испрати оружјето. „Повикувам да бидеме конструктивни, да не си ја подаваме топката еден на друг“, повика тој.
