Бугарија за првпат беше домаќин на состанок на Одборот на директори на акцелераторот на НАТО – DIANA
Бугарија за првпат беше домаќин на состанок на Одборот на директори на акцелераторот на НАТО – DIANA (Акцелератор за одбранбени иновации за Северниот Атлантик), од основањето на програмата во 2022 година, соопшти Министерството за иновации и дигитална трансформација, јавува БТА.
На отворањето на состанокот во Софија Тех Парк, министерот за иновации и дигитална трансформација Иван Василев истакна дека иновацискиот екосистем во Бугарија се проширува, а интересот на бугарските компании за акцелераторската програма DIANA расте.
Според Василев, сè повеќе стартапи и технолошки компании настојуваат да се вклучат во програмата, насочена кон поттикнување иновации во областа на безбедноста и одбраната.
Тој посочи дека Софија Тех Парк е еден од најновите акцелераторски центри во мрежата на DIANA, каде што стартапи од Алијансата ќе имаат пристап до научно-технолошкиот парк за обука и развој на напредни технологии со двојна употреба.
Во Бугарија во рамките на програмата има и четири центри за тестирање, специјализирани во области како големи податочни масиви и вештачка интелигенција, нови технологии, автономни системи, микроелектроника, сајбер-безбедност и квантни технологии.
Василев ја нагласи и важноста од натамошен развој на програмата во тесна соработка со сите сојузници.
Делегатите ги посетија INSAIT и компанијата за аерокосмичка технологија „ЕндуроСат“ (EnduroSat).
Софија Тех Парк беше избран за акцелератор во мрежата DIANA во мај, а во март беше потпишан договор за научно-технолошка соработка и иновации во областа на безбедноста и одбраната меѓу Софија Тех Парк, Институтот за одбрана, Институтот GATE, Високото поморско училиште „Н. Ј. Вапцаров“ и Здружението за научноистражувачка и развојна дејност.
