Бугарската влада усвои измени во Законот за трансплантација на органи, ткива и клетки
Министерскиот совет на Бугарија усвои одлука за одобрување на Закон за измена и дополнување на Законот за трансплантација на органи, ткива и клетки. Со новите измени се укинува досегашното барање граѓаните приживе изрично и писмено да изразат несогласност за земање органи, ткива и клетки по нивната смрт, што досега се впишуваше во здравственоосигурителната книшка.
Причините за измените се поврзани со потребата за усовршување и модернизација на правната рамка во областа на електронското здравство. Во таа насока, се предлага и укинување на обврската на Националниот фонд за здравствено осигурување (НЗОК) да издава здравственоосигурителна книшка на секој осигуран граѓанин.
Ова е дел од процесот на дигитализација во здравствениот систем преку Националниот здравствено-информациски систем (НЗИС), кој овозможува собирање, обработка и чување на податоци за здравствената состојба на населението, создавање и одржување електронски здравствени досиеја, како и развој на јавни и службени регистри и бази на податоци.
Со измените, секој бугарски граѓанин ќе има можност директно да ја изрази својата волја во врска со донирањето органи, ткива и клетки по смртта, преку Извршната агенција за „Медицински надзор“. Ова може да се направи и по електронски пат, преку поднесување декларација за одбивање донорство.
