| |

Средношколец од Бугарија постигна историски успех со прво место на младинскиот научен натпревар Regeneron ISEF

Средношколецот Никола Веселинов од Софиската математичка гимназија „Паисиј Хилендарски“ постигна историски успех за Бугарија, откако го освои првото место на Regeneron ISEF. Ова е најголемиот и најпрестижен меѓународен натпревар за средношколци во областа на науката и инженерството. Форумот годинава се одржа во Феникс, Аризона, јавува БНТ.

Со својот проект „Решливост на равенки во елементарни функции“ Никола го освои првото место во категоријата „Математика“ и стана добитник на големата награда за млад научник. Тој доби и парична награда во износ од 75.000 долари.

Никола, кој е најмладиот учесник во бугарскиот тим, беше одликуван и со уште две специјални признанија. МΑΘ – Американското почесно друштво за научници и студенти, го награди со признание и 1.500 долари, а American Mathematical Society, која е меѓу најпочитуваните професионални организации, му додели уште една награда и 1.000 долари. Негов научен ментор е Мирослав Маринов.

Во бугарскиот тим учествуваа уште двајца ученици – матурантите Стефан Кујумџиев и Божидара Пухалева.

Стефан, кој е ученик во ПМГ „Васил Друмев“ во Велико Трново, претстави проект за оптимизација на големи јазични модели, како во однос на вчитувањето и обемот, така и во однос на точноста.

Божидара од СМГ стана првиот бугарски учесник во категоријата „Биомедицина и здравствени науки“. Нејзината разработка е фокусирана на гените кои ја регулираат експресијата на протамините, кои имаат важно значење за репродуктивното здравје.

Regeneron ISEF е најголемиот научен натпревар на предуниверзитетско ниво во светот. Тој обединува повеќе од 1.000 учесници од близу 80 држави. Учеството на Бугарија се финансира преку националната програма „Образование со наука“.

Слични Објави