Бугарскиот реон Тараклија добива посебен статус во Молдавија
Територијалната реформа во Молдавија предвидува посебен административен статус за реонот Тараклија, каде што околу две третини од населението се Бугари, но областа нема да добие политичка или територијална автономија по примерот на Гагаузија, јавува БГНЕС.
Според реформата, бројот на реоните во земјата треба да се намали од 32 на 10, а за формирање општина ќе бидат потребни најмалку 3.000 жители. Тараклија, која има околу 20.000 жители и зафаќа 674 квадратни километри, треба да добие статус на општина од второ ниво, сличен на Кишинев и Белци.
Со територијата би управувал генерален градоначалник, кој би координирал повеќе општини.
„Овој компромис целосно ни одговара. Тоа е можност да го зачуваме реонот во сегашните граници и да обезбедиме финансиска автономија“, изјави Лазар Дерменџи, кој од 2023 година раководи со реонот.
Локалните претставници имаат рок до 1 септември доброволно да ги спроведат потребните промени, по што решенијата ќе бидат наметнати.
Административната положба на Тараклија е сложена поради создавањето на Гагауската автономна територијална единица во 1994 година. Нејзината територија е испреплетена со Гагаузија, што го отежнува обединувањето на помалите населени места за исполнување на прагот од 3.000 жители.
Локалните власти се надеваат дека Тараклија ќе стане културен и образовен центар на Бугарите во Бесарабија. Во градот се наоѓаат единствениот бугарски театар во Молдавија и бугарски конзулат, а локалниот универзитет минатото лето стана филијала на Русенскиот универзитет во Бугарија.
И покрај силните врски со Софија, Тараклија останува под значително руско културно и политичко влијание. На парламентарните избори во 2025 година реонот, надвор од Гагаузија, дал најголема поддршка за проруските кандидати.
Експертот Штефан Бежан од центарот WatchDog оцени дека гагауската автономија се претворила во инструмент што Русија го користи против Молдавија.
Дерменџи категорично ја отфрли можноста за сличен модел во Тараклија.
„Не станува збор за создавање нова политичка или територијална автономија по моделот на Гагаузија“, нагласи тој.
