Бугарскиот заменик-министер за економија Јакимов: Го продлабочуваме економското партнерство со Баварија
Трговската размена меѓу Бугарија и германската сојузна покраина Баварија во последната деценија е повеќе од двојно зголемена – од околу 900 милиони евра во 2015 година на над две милијарди евра во 2025 година. Ова беше истакнато на средбата меѓу бугарскиот заменик-министер за економија, инвестиции и индустрија Красимир Јакимов и државниот секретар во баварското Министерство за економија, регионален развој и енергетика Тобијас Готхарт.
На средбата Јакимов ги претстави административните реформи што ги спроведе бугарската влада за подобра координација на политиките за индустриски развој и привлекување инвестиции.
„Откако Владата стапи на должност, успеавме да спроведеме неколку многу важни административни реформи. Обединивме надлежности што дотогаш беа распределени меѓу различни институции и формиравме централно координативно тело при Советот на министри. Преку него државата ќе обезбеди побрза координација меѓу институциите при спроведувањето големи инвестициски проекти“, рече Јакимов.
Тој нагласи дека Бугарија ги поздравува можностите за проширување на соработката со Баварија и ја посочи Германија како еден од најважните стратешки партнери на Бугарија.
Како области со потенцијал за соработка Јакимов ги издвои информатичките технологии, автомобилската индустрија и високите технологии.
„Отворени сме за можноста Баварија да се вклучи во следната фаза од нашиот економски и индустриски развој“, изјави Јакимов.
