| |

Цензори

Пишува: Никица Корубин

ЕУ на 23 август го одбележа денот на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими – нацизмот, фашизмот и комунизмот; кој за чудо остана речиси незабележан кај нас, сега веќе како земја која ги отпочна преговорите со ЕУ, а особено кај силно изразената “антифашистичка јавност”, која се чини реагира само на “бугарскиот фашизам” од преголемата загриженост за суштината на тоталитарните режими. На страна што некако се премолчува делот за комунизмот, како “тоталитарен и авторитарен режим” во принципите на ЕУ со кое ќе се сруши нашата идилична југоносталгична слика; туку ние деновиве, покрај многу други сериозни тектонски афери; се занимаваме со апсолутно анти-ЕУ и авторитарни, ако не веќе тоталитарни наративи, за “цензурирање на историски личности”.

Не знам како тоа се вклопува во европските вредности, но идејата за арбитрарно одлучување на подобност на било која историска личност, во форма на ад-хок тело надвор од законска регулатива; најмалку звучи демократски, ако веќе не разбираме во која позиција се наоѓаме како држава која формално отпочнала преговори со ЕУ.

“Од министерството за правда за Канал 5 велат дека идејата е да се формира деветчлена комисија која треба да профункционира пред да се донесе новото законско решение за здруженија и фондации, за да се спречат злупотреби на одредени личности кои имаат негативен историски контекст. Комисијата сепак би имала само советодавна улога за употребата на името на здружението, велат од правда … Ќе се предложи комисијата да биде во состав 7+2. 7 би биле постојани членови, а другите 2 ќе се именуваат зависно од тоа за каква личност ќе се расправа … За тоа дали комисијата би одлучувала само за имињата на нови здруженија или ќе ги разгледува и постоечките … “

Сублимирано, ќе се формира “комисија”, “пред да се донесе законско решение”, за да се определи кои историски личности “имаат негативен историски контекст”, а постоечките ретроактивно ќе се испитуваат. Уште ретроактивноста да беше дозволена. И работата надвор од закон. Како и критериумите за “негативен историски контекст”. Освен што сето ова во пакет е прилично паушално, набрзина смислено и тенденциозно; во основа е крајно авторитарно и оперира со опасни поими и намери. Без разлика која е идејата за ваква регулација, а всушност директна супервизија и цензура; начинот и носителите на оваа идеја, говорат со анти-европски речник. Од ад-хок тело, преку ретроактивност, до забрани без јасна основа. Кој, како и што утре ќе забранува е главното прашање, по кој критериуми, врз основа на кој закон, во процес на скрининг, усогласен со ЕУ регулативата? И врз основа на кои “историски факти”? Голем нешто молкот од идните потенцијални цензори (МАНУ, институти, факултети), после толку врева за протоколот. Или ова е посакувана и добро позната позиција?

Туку, во контекст на гореспоменатиот 23 октомври, дали во “тоталитарни и авторитарни режими” ад-хок комисијата ќе го стави и комунизмот, па кога ќе тргнат со “забрани” на историски личности, нема да можат да се запрат? Ова е последното нешто со кое треба да се занимава една европска влада, на рестриктивен, авторитарен и потенцијално опасно непредвидлив процес; без сериозно осмислен и донесен закон; држејќи се до гола форма, со проблематична позадина и нејасна суштина, ама затоа јасно изразена авторитарна свест “што е подобно, а што не”.

Подобро е да почнеме да бараме датум за нов празник, во духот на истата ЕУ кон која одиме; и да решиме што всушност сакаме од себе и за себе; истите цензори или реалност базирана на факти? Не може и едното и другото. А, особено не може да биде прифатливо “атмосферата на линч” да биде доминантна, па уште формално вдомена во импровизации со сериозни импликации, додворување како замена за делување. Која е следната жртва на олтарот на “јавноста”, за која треба да се измисли уште некое ад-хок тело, со кое се решава ништо да не се реши?



Слични Објави