Црна Гора ќе биде домаќин на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 1 јуни 2026 година
Црна Гора ќе биде домаќин на Самитот Европска унија – Западен Балкан на 1 јуни 2026 година. Договорот беше постигнат вчера во Брисел меѓу претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и претседателот на Советот на Европската унија, Антонио Кошта, јави црногорската национална телевизија РТЦГ, пренесува БТА.
„Следната година, кога ќе одбележиме 20 години од обновувањето на нашата независност, добиваме и силна поддршка од европските партнери во организацијата на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 1 јуни наредната година,“ изјави Милатовиќ по средбата.
Тој додаде дека ова е „знак на голема доверба и уште една поддршка од Европската унија“ во процесот на приближување на Црна Гора кон членство во ЕУ. „1 јуни следната година ќе биде историски момент – лидерите на сите 27 земји членки на ЕУ, заедно со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, и нашите пријатели од земјите на Западниот Балкан,“ нагласи Милатовиќ.
Тој потсети дека неодамна, на Самитот на Европската политичка заедница во Копенхаген, ги повикал европските лидери да започнат изработка на нацрт-договор за пристапување на Црна Гора кон Европската унија.
„Ако сè оди според планот и ако ги затвориме овие пет до шест поглавја што се планирани до крајот на годината, верувам дека ќе бидеме на многу добар пат кон подготовка на нацрт-договорот за пристапување. Тоа е извонредна вест,“ додаде Милатовиќ.
