|

Деблокадата на Илинденска не ги смири партиските препукувања за состојбата во Скопје

Партиските препукувања за состојбата во главниот град на релација ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ не стивнува и покрај одлуката на приватните автобуски превозници да ги тргнат паркираните автобуси од Илинденска
Деблокадата на булеварот „Илинден“ и одлуката на приватните автобуски превозници да ги тргнат автобусите од улицата, сепак, и натаму не ги стивнува меѓусебните обвинувања од власта и опозицијата за состојбата во главниот град.

Од една страна, од СДСМ во партиското соопштение велат дека сообраќајници во Скопје им се вратени на граѓаните благодарение на премиерот Димитар Ковачевски, а оти скопјани, како што додаваат, не заслжуваат преку нив да се наплаќа неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и градоначалничката Данела Арсовска.

„Во наредниот период сите засегнати страни, од Градот Скопје и превозниците треба да седнат и да разговараат за изнаоѓање на решение. Преку дијалог, без закани и не врз грбот на граѓаните. Скопјани плаќаа превисока цена со блокадите, само поради кавгите на Мицкоски и Арсовска. Се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е неспособна и деструктивна партија која не може ниту најнормален дијалог да воспостави, а не пак да понуди некакво решение“,

се вели во партиското соопштение на СДСМ.
Од партијата велат оти ВМРО-ДПМНЕ создава проблеми не само во Скопје, туку во сите општини во државата каде што има градоначалници.

Од друга страна, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ главниот град го нарекоа жртва на коалициските договори помеѓу премиерот и скопската градоначалничка и побараа Ковачевски да побара нејзина оставка.

„Данела Арсовска, која заради коалиција со СДСМ го постави Александар Стојковски за директор на ЈСП, заедно со Стојковски е креатор на проблемот со сообраќајниот хаос. Стојковски го потпиша договорот од 27 милиони евра за набавка на гориво, без рабат, со што претпријатието е оштетено за над 1,5 милиони евра. Тоа се исто толку пари колку што ЈСП им должи на приватните превозници. Претходно Арсовска остави стотина луѓе без работа. А додека таа управува со самоволие градот не може да ги извршува ниту основните функции“,

стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Приватните автобуски превозници вчера попладне почнаа да ги тргаат автобусите со кои го блокираа булеварот „Илинден“ во делот од фонтаната „Лотос“ во Градски парк до крстосницата кај ГОБ „8 Септември“, откако премиерот Димитар Ковачевски ја постави како услов деблокадата на Илинденска за можна средба со превозниците.

Извор: 360stepeni.mk

Слични Објави