„Детска полициска управа“: Ученици во Бугарија ќе учат за безбедност и одговорност со помош на полицијата
Три училишта во Јамболската област во Бугарија потпишаа спогодби за вклучување ученици во националната програма „Детска полициска управа“, соопшти прес-центарот на Обласната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Јамбол, пренесува БТА. Во текот на две години, децата ќе учат за безбедно однесување, одговорност и постапување во кризни ситуации.
Волонтерска заклетва положија третоодделенци од училиштето „Професор Нојков“ во Јамбол, како и ученици од Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Стралџа и од Средното училиште „Васил Левски“ во селото Тенево, во општина Тунџа.
Обуката ќе опфати разговори, практични вежби и демонстрации на стекнатите знаења и вештини. Под водство на полициски службеници, учениците ќе учат како да се заштитат, да им помагаат на послабите и да реагираат во кризни ситуации. Програмата има цел и да развива чесност и одговорност кај децата.
На церемониите за потпишување на спогодбите, учениците го прифатија Етичкиот кодекс на волонтерот. Сите учесници добија рефлектирачки елеци, капи, маици, бележници и пенкала со логото на Детската полициска управа и на своето училиште.
Националната програма е иницијатива на бугарското Министерство за внатрешни работи и предвидува двегодишна воннаставна обука за ученици од основното образование.
Темите и методичките упатства ги подготвиле претставници на министерствата за внатрешни работи, за образование и наука и за правда, како и на Бугарскиот младински Црвен крст, Бугарската православна црква и Бугарскиот туристички сојуз.
Претходно овој месец, спогодби за учество во програмата потпишаа и училишта во Сливен, Монтана, Разград, Смолјан, Велико Трново и во други региони на Бугарија.

