| |

ДИМИТРОВ СЕ СРЕТНА СО ЗАМЕНИК ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА НАТО ГОТЕМОЛЕР

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот Димитров денес имаше средба со заменикот генерален секретар на НАТО, Роуз Готемолер, на која беа разменети мислења за актуелната соработка меѓу Република Македонија и НАТО, како и подготовките што ги презема Република Македонија во рамките на пристапниот процес за членство на земјата во Алијансата.

Притоа, Димитров го образложи моменталниот контекст и атмосфера во земјата, како и текот на подготовките во пресрет на референдумот, но и паралелната конкретна работа на имплементација на реформите. Воедно се осврна на актуелниот регионален контекст, како и на важноста од успехот на домашните процеси во овие историски моменти за земјата. Димитров изјави:

„Ви благодарам за поканата за пристапни преговори за Република Македонија на Самитот во јули. Одлучно одиме по патот до членството што го зацртавме уште пред 25 години. Ќе ја завршиме оваа незавршена историска мисија, во интерес на стабилноста и просперитетот на Република Македонија, на стабилноста на Балканот и на стабилноста на Европа.” Готемолер, изрази подготвеност за сестрана поддршка кон заложбите на Република Македонија за приклучување кон Алијансата и надеж дека ќе знаеме да ја искористиме широко отворената врата.

Слични Објави