| |

Двојно е зголемен бројот на барањата за добивање на бугарско државјанство

Двојно е зголемен бројот на барањата за добивање бугарско државјанство во последните три години, јавува БГНЕС, повикувајќи се на податоци од Министерството за правда на Бугарија.

Така, според чл. 29, ст. 1 од Законот за бугарско државјанство за стекнување бугарско државјанство во периодот од почетокот на јануари до 24 ноември годинава се поднесени 75.805 барања.

Солиден број барања бугарско државјанство доаѓаат од државјани на Република Македонија. Во пандемијата на ковид во 2020 година тие биле 2551, во 2021 година – 3428, во 2022 година 2051 Македонци побарале да станат Бугари, а во 2023 – 2990.

Бројот на барања за бугарски државјанства од граѓани на Украина се удвојува за две години, веднаш по почетокот на воената агресија на Русија. Така, во 2020 година бугарско државјанство побарале 1.886 Украинци, во 2021 година – 3.133, во 2022 година – 4.508, а во 2023 година – 3.141.

Драстично зголемување забележуваат и граѓаните на Република Турција кои сакаат да станат бугарски државјани, а за три години нивниот број скокнал речиси десет пати. Во 2020 година 660 граѓани на Турција поднеле барање за бугарско државјанство, а во 2023 година нивниот број се зголемил на 5.935 лица.

Постојан интерес за стекнување бугарско државјанство покажуваат и граѓаните на Молдавија, Албанија и Србија, каде што има бугарски малцинства, а за три години бројот на Молдавци се намалил – од 2.068 во 2020 година на 1.518 во 2023 година; бројот на Албанците се удвоил – од 1.022 во 2020 година на 2.992 во 2023 година; а на Србите – од 800 во 2020 година на 1151 годинава.

Очигледен е и растот на граѓаните на Руската Федерација кои сакаат да станат бугарски државјани – од 279 во 2020 година на 2.261 лице годинава.

Бугарија оваа година се покажа привлечна за 361 лице од Израел, при што традиционално меѓу 200 и 300 Израелци годишно аплицираат за бугарско државјанство.

Слични Објави