ЕК прогнозира раст од 2,7%, инфлација од 4,6% и буџетски дефицит од 5% во Бугарија во 2026 година
Бугарската економија ќе порасне за 2,7% во 2026 година, но инфлацијата ќе достигне 4,6%, а буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 5% од бруто-домашниот производ (БДП), покажува есенската економска прогноза на Европската комисија, пренесе БГНЕС.
Комисијата очекува економскиот раст да забави на 2,1% во 2027 година, а потоа да достигне 2,3% во 2028 година. Инфлацијата се предвидува да се намали на 3,9% во 2027 и на 3,3% во 2028 година.
Растот во првата половина од 2026 година бил поддржан од зголемената потрошувачка на домаќинствата, додека високиот увоз влијаел негативно. Во следните две години се очекува забавување на потрошувачката поради послабиот раст на реалните приходи, високата инфлација и поумереното зголемување на платите. Инвестициите се очекува да ослабнат во 2027 година, по завршувањето на финансирањето преку Механизмот за закрепнување и отпорност, а да закрепнат во 2028 година.
Според прогнозата, високите цени на енергијата и услугите ќе продолжат да ја поттикнуваат инфлацијата. Воведувањето на новиот европски систем за тргување со емисии ETS2 во 2028 година се очекува да додаде околу 0,7 процентни поени на вкупната инфлација во Бугарија.
Буџетскиот дефицит ќе се зголеми од 4% од БДП во 2025 на 5% во 2026 година, главно поради повисоките расходи за пензии, плати во јавниот сектор, општински инвестиции и субвенции. Комисијата предупредува дека евентуална статистичка ревизија на податоците за 2026 година може да покаже и поголем дефицит.
Во 2027 година дефицитот се очекува привремено да се намали на 4% од БДП, со поддршка од мерките за зголемување на приходите, меѓу кои и едногодишен данок на екстрапрофит во одредени сектори. По истекот на оваа мерка, дефицитот повторно би се зголемил на 4,8% во 2028 година.
Државниот долг се очекува да порасне од 29,9% од БДП во 2025 година на 33% во 2026, 35% во 2027 и 37,7% во 2028 година, поради високите буџетски дефицити и зголемените расходи за камати.
Невработеноста ќе остане релативно ниска — 3,4% во 2026 и 3,5% во следните две години. Сепак, недостигот од работна сила во клучните сектори ќе продолжи поради демографските проблеми и намалувањето на работоспособното население.
