ЕП сигнализира за бран на насилство од страна на режимот во Србија по трагедијата во Нови Сад
Европскиот парламент (ЕП) усвои резолуција во која изразува длабока загриженост за состојбата со демократијата, човековите права и медиумските слободи во Србија – една година по уривањето на насрештницата на железничката станица во Нови Сад, каде што загинаа 16 лица. Несреќата предизвика невидени протести низ целата земја, јавува БГНЕС.
Во текстот на резолуцијата се потсетува на извештаи за прекумерна употреба на сила против демонстранти, користење на звучни оружја, како и тврдења за незаконско прислушкување и емитување на приватни разговори на активисти и студенти.
ЕП „остро ја осудува браната од државно спонзорирано насилство, закани и апсења на мирни демонстранти, новинари и претставници на опозицијата“ и ги повикува властите да ја гарантираат слободата на медиумите и да ги прекинат кампањите за дискредитација против судии, обвинители и професори кои ги поддржуваат протестите.
Резолуцијата истакнува дека истрагата за трагедијата во Нови Сад сè уште не е завршена и бара „целосно и транспарентно спроведување на постапката“ и казнување на одговорните лица. ЕП изразува загриженост и за растечкото влијание на Кина во Србија, особено преку инфраструктурни проекти кои се реализираат надвор од рамките на Законот за јавни набавки и без доволна транспарентност. Потсетено е дека во март 2025 година Европското јавно обвинителство (EPPO) започнало истрага за можни злоупотреби на европски средства при реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад.
Според документот, од февруари до крајот на септември 2025 година, во повеќе од 630 населени места низ Србија се одржале над 10.000 протести, вклучувајќи го и „најголемиот граѓански собир во поновата историја на земјата“. ЕП ја нагласува својата поддршка за правото на студентите и граѓаните на мирен протест и потсетува дека студентското движење е вклучено во потесниот избор за Наградата „Сахаров“ за слобода на мислата.
Иако ЕП ја поддржува идејата за дијалог и реформи, оценува дека ситуацијата во Србија останува „напрегната и поларизирана“, како резултат на говорот на омраза, кампањите за дискредитација и антиевропската пропаганда во провладините медиуми и од страна на државни функционери.
Во резолуцијата се наведува и дека српската влада водела разговори со сопствениците на медиумската групација United Media, во чиј состав е и телевизијата N1, со цел „ослабување на овој медиумски канал“ – што, доколку се потврди, би претставувало „сериозен напад врз веќе загрозениот медиумски плурализам“.

