ЕПИСКОП ЈАКОВ: СТРУМИЧКИОТ СВЕШТЕНИК БОРО МИЛЧЕВ НЕ Е РАЗРЕШЕН ЗАРАДИ ЕДИЦИЈАТА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СВЕТИТЕЛИ

Свештеникот Боро Милчев од Струмица не е разрешен поради едицијата од 12 книги за македонските светители, ниту пак имал закани од струмичката епархија, туку заради неговото нецрковно и неканонско однесување. Ова денеска на прес-конференција го кажа Епископот Стобиски Јаков од струмичката епархија, која пред два дена му забрани на Милчев да врши свештенска дејност поради непочитување на парохиска одлука, градење црква на диво и венчавање по приватни домови за пари, јавува СДК.

Епископот Јаков откри дека Милчев при ревизијата на неговото работење во Црквата „Св. Димитрије Палама“ со која раководел цели 20 години во касата биле пронајдени само 106 денари и пиштол за кој имал дозвола.

„Милчев се служи со лаги. Сите добро го знаат каков манипулант. Ова не го кажувам туку така, туку со аргументи оти имаме покрената морална, матeријална и канонска одговорност против овој човек. Нема да дозволиме сакајќи да се извлече од одговорноста да бега, јавајќи на коњот на квазипатриотизмот. Зошто не зборуваше за било какви притисоци од наша страна кога имавме ревизија на храмот ‘Св. Димитриј’ кога бевме вербално и физички нападнати, па мораше да интервенира и полицијата. За состојбата што затекнавме таму имаме и официјален записник. Во касата во една од најпосетуваните цркви во Струмица најдовме само 106 денари и пиштол . Прашувам што ќе му е пиштол на свештено лице и да го држи во црковен храм . Пиштолот си го зеде оти си имаше дозвола, а нам ни остави само 106 денари“, рече Јаков кој побара од УЈП да истражи како ова свештено лице го стекнал имотот.