|

EУ бара начин како Русија да плати за сè што уништи во Украина

Eвропската унија планира дали и како трајно да го блокира пристапот на Русија до замрзнатите средства на централната банка и да ги искористи за обнова на Украина. Повикувајќи се на свои извори, Блумберг известува дека експертите неодамна добиле задача да ги испитаат можните опции и дека дискусиите за ова прашање се во рана фаза.

Портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, потврди дека се разгледува како Русија да се натера да го плати тоа што го уништи. Како што појасни тој, лидерите на ЕУ побарале од Европската комисија „да претстави опции за користење на замрзнатите средства за обнова на Украина, во согласност со ЕУ и меѓународното право“.

Станува збор за 300 милијарди долари резерви на централната банка на Русија, кои беа замрзнати од ЕУ, САД и другите сојузници, по руската инвазија на Украина. Доколку се одлучи за заплена, акцијата на ЕУ ќе ги таргетира средствата лоцирани во Европа.

Русија, се разбира, смета дека замрзнувањето на имотот на централната банка е незаконско и на тоа ќе гледа како на „кражба“. Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, пак, во саботата за германските медиуми изјави дека замрзнатите резерви може да се чуваат како гаранција додека Русија доброволно не се согласи да учествува во обновата на Украина.

Украинската влада веќе со месеци бара замрзнатите руски средства да им бидат доделени како компензација за обновата на земјата разурната од војната што ја предизвика Русија. Според украинскиот премиер, Денис Шмихал, до септември, трошоците за реконструкција на Украина се проценувале на 750 милијарди долари.

Слични Објави