Европратениците бараат дополнително финансирање за девет држави од источното крило на ЕУ
Новиот европски фонд за заштита на источните граници предвидува 10% повеќе финансиски средства за девет држави од ЕУ. Ова беше соопштено на прес-конференција на европратениците што ја посетија Бугарија за на самото место да се запознаат со состојбата по нападите со дронови врз трговски бродови во Црното Море, јавува БГНЕС.
Посетата на делегацијата е на иницијатива на бугарските европратеници од ГЕРБ/ЕПП, Андреј Новаков и Емил Радев. На нивна покана во Бугарија пристигнаа нивните колеги Ангелика Винциг од Австрија, Свен Симон од Германија и Јацек Протас од Полска.
„Бараме зголемување на јавните инвестиции и поддршката за регионите што граничат со Русија, Белорусија и Украина или се погодени од војната“, објасни Јацек Протас, известувач за предлогот за дополнително финансирање на источните региони. Во извештајот, усвоен со големо мнозинство во Европскиот парламент, се бараат до 10% повеќе средства во сите програми, како и инвестиции во проекти со двојна намена, кои им служат на луѓето во мирнодопски услови, но имаат и одбранбено значење.
„Државите од источните региони – од Бугарија до Финска, кои се најсилно погодени од војната против Украина, не смеат да бидат оставени сами во оваа тешка ситуација“, категорично порача Протас.
Андреј Новаков појасни дека 10% од предвидените 22 милијарди евра за Бугарија значат околу 2,2 милијарди евра дополнителни средства.
„Искрено се надевам дека бугарската влада ќе ја прифати оваа подадена рака“, изјави тој и увери дека европратениците работат координирано за обезбедување повеќе средства за поддршка на земјоделците, превозниците, туристичкиот сектор и останатите сектори што ги трпат економските последици од војната.
Одговарајќи на новинарски прашања, Новаков објасни дека дополнителното финансирање зависи од усвојувањето на следниот буџет на ЕУ. Се очекува договорот за финансиската рамка да биде постигнат најдоцна до летото следната година, за новото финансирање да почне да се применува од 1 јануари 2028 година.
Емил Радев ја нагласи потребата од повеќе инвестиции во набљудувањето и заштитата на бугарското црноморско крајбрежје, вклучително и преку современи технологии за противдејство против дронови. Тој им се заблагодари на претставниците на военопоморските сили и на раководството на Вишото военопоморско училиште „Н. Ј. Вапцаров“.
Покрај средбите одржани на бродот „Капетан I ранг Димитар Добрев“ и на бродот за откривање и уништување мини „Струма“, европратениците во Варна се запознаа и со можностите на современите навигациски симулатори, вселенската лабораторија, училниците за кибербезбедност, Центарот за управување со кризи и длабоководниот базен во Вишото военопоморско училиште.
