Филипче: СДСМ ќе предложи 40 проценти повисоки плати за лекарите, минимална плата од 600 евра и зголемување на платите во образованието
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави дека СДСМ ќе побара зголемување на платите во повеќе сектори, со посебен фокус на здравството и образованието. Филипче порача дека основните плати на специјалистите и лекарите во здравството треба да се зголемат за 40 проценти, по примерот на мерките што СДСМ ги реализираше во првите две години од своето владеење.
„Ќе побараме, а согласно тоа што ние го работевме и го остваривме во нашата Влада, и тоа во првите две години, зголемување на платите во повеќе сектори, да основните плати на специјалистите, лекари во здравството, се зголеми за 40% и исто толку проценти за вработените во образованието“, рече Филипче.
Филипче посочи дека ова е неопходно за да се обезбеди достоинствено платен и мотивиран кадар во здравството, но и во образованието. Воедно Филипче најави дека СДСМ повторно ќе го поднесе законот за 600 евра минимална плата како конкретна мерка со која треба да се одговори на растечките трошоци за живот и притисокот врз семејните буџети.
„Ако е така како што кажува Мицкоски, дека сме трета, четврта економија во светот, ако добро и успешно се справуваат со инфлацијата, ако добро ги менаџираат финансите, еве прва мерка, повторно, на почетокот на септември, откако ќе почне со работа Собранието, ќе го дадеме законот во Собранието и минималната плата ќе побараме да биде 600 евра.Не 26.000 денари како што е сега, туку толку колку што им е потребно на луѓето да ги закрпат основните потреби, основните трошоци, посебно кога почнува школската година и кога трошоците за живот, за функционирање многу растат“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека по повеќе од две години власт на ВМРО, граѓаните не гледаат реално подобрување на економската состојба, ниту во здравството и образованието.
„Владата предводена од Христијан Мицкоски веќе ја започна третата година од својата работа и на ниту едно поле, ние не гледаме никакви резултати. Не гледаме резултати на полето на економијата, во здравството, во образованието, во земјоделството“, рече Филипче.
