ФОТО/ГАЛЕРИЈА: НЕФОРМАЛНА СРЕДБА СО СТАР ПРОДАВАЧ НА КИЛИМИ ЗАВРШИ СО ИЗЛОЖБА ВО ШВЕДСКА

Уметниците Гордана Винчиќ и Игор Љубовчевски – Љубац на 17 декември ја реализираа меѓународната изложба „Обединувања” поддржана од Министерство за култура на Р. Македонија во соработка со Сафет Камбери, директорот на Домот на Културата „Кочо Рацин- Скопје”, Град Малме, Младинскиот Културен Центар – Фрисхусет, Женскиот актив на македонското здружение во Малме и други.

Во интерес што поголем број на луѓе да ја посетат изложбата, таа ќе биде отворена до 31 декември годинава.

„Приметувајќи нѐ како воодушевено ги набљудуваме распружените килими, стариот дуќанџија почна живописно и со страст да ни раскажува за нив. Рече да влеземе во дуќанот каде што владееше беспрекорен ред и изобилство на шари и ткаенини. Се фалеше и покажуваше дека има ракотворби од вештите прсти на жените, Македонки, Албанки, Турчинки, Босанки, Србинки и други. Додаваше со несмален жар дека материјалите се од природна волна и памук а боите од кори, лушпи или корења на одредени билки како што се: ореви (темнокафена), индиго (модроплава), кромид (жолтокафена) и крмез (црвена). Во еден миг се растажи доверувајќи ни се дека правењето на традиционалните килими исчезнува. Носталгично се присетуваше како дедо му раскажувал за разменувањето на искуства и како тоа на времето ја оплеменувало робата, луѓето и чаршијата.”, раскажа Игор за средбата со килимарот.

„Разновидните орнаменти, симболи и бои на ткаенините во дуќанот беа многу слични и непосредно ги доживеавме како мост кој ги обединува културите во нашето поднебје. Секој килим, покривка и парче носиjа, оддаваше чин при кој жените изразувале емоции, вештина, естетика и креативност. Сфативме дека нивните ракотворби не се случајност туку една мултикултурна поврзница која ја потврдува желбата за взаемно влијание во нашата земја. Интуитивната и автентичната интерпретација на ткајачките сведочеше за убавина, порив, величанственост и инспирација во ракотворба. Средбата со стариот килимар не инспираше со Игор да изработиме околу четриесетина дела во современа изразна форма вклучувајќи и електронски медиуми. Делата да содржат стилизирани симболични траги како препознатливи елементи од неисцрпната традицијата и културно- историската ризница на нашата земја. Симболиката во делата истовремено да асоцира и раскажува за поврзницата на културите и племенитоста која произлегува од неа“, раскажа Гордана за инспирацијата и уметничките дела.

Првиот ден од изложбата „Обединувања” беше отворен до доцните вечерни часови поради континуираната посетеност во текот на целиот ден. И покрај празничните прослави во овој период на годината имаше голем број на посетители од Малме. Дружбата беше обогатена и со љубопитни посетители со потекло од најразлични делови на светот.

Познато е дека градот важи за најмултикултурен центар во Скандинавија со 186 националности. Публиката беше воодушевена наведуваат организаторите од Младинскиот Културен Центар – Фрисхусет, каде што се одржува изложбата. На задоволство на авторите имаше и голем број на посетители со македонско потекло кои горди и со насмевка ги препознаваа стилизираните елименти на самите дела и со задоволство го споделуваа тоа со останатата публика.

Игор и Гордана со реномираниот ликовен уметник од Шведска Бертил Петерсон.

Изложбата ја посетија и уметници од Шведска меѓу кои и реномираниот сликар Бертил Петерсон. Несебично сподели дека многу му се допаѓа современиот израз на елементите од македонското културно наследство на изложените дела. Изминатите неколку дена по отварањето на изложбата уметниците продолжуваат со топол разговор да се дружат со посетителите.



Слични Објави