|

„ФЗО ниту беше известен, ниту учествуваше во организацијата за транспортот со хеликоптер“, се огласија од Фондот за Леонид

Од ФЗОРСМ се огласија преку зоопштение и велат дека од првиот момент со внимание го следат случајот на Л.И. од неговата хоспитализација во Р. Грција, од каде е донесен на ЈЗУ КАРИЛ, па сѐ до поднесување на барањето за упатување на лекување во странство.

„Во овој момент во Фондот се водат две одделни постапки. Првата е отпочната уште во септември 2023 година и за неа има отворен предмет кој што сѐ уште е во тек заради некомплетно доставенa медицинска документација, за која е испратено официјално барање до подносителите, меѓутоа неопходната документација за одлучување сѐ уште не е доставена. Од септември 2023 година, пациентот е префлен на ЈЗУ КАРИЛ од каде на сопствена иницијатива на семејството е однесен со медицинско возило во приватна болница, со која ФЗОРСМ нема склучено договор за типот на здравствени услуги кои се пружени, а каде престојувал сѐ до моментот кога на 6.2.2024 година со хеликоптер бил транспортиран во здравствена установа во Австрија. ФЗОРСМ ниту беше известен, ниту пак учествуваше во организацијата за транспортот со хеликоптерот со кој пациентот замина во здравствена установа во Австрија, на иницијатива на семејството“, велат од Фондот.

Како што додаваат, по однос на донесената Одлука од страна на Првостепената комисија на ФЗОРСМ, важно е да се напомене дека истата постапи по документацијата што беше доставена со барањето, како и по документацијата што дополнително ја обезбеди по службена должност.

„Имено, Одлуката е донесена како резултат на фактот што самиот Предлог за упатување во странство воопшто не содржи конкретна насока за вид на интервенција која е потребно да се изведе при лекувањето во странство, туку истиот содржи само општи процедури за рехабилитација. Дополнително, предложениот вид на третман од страна на центарот во Австрија се однесува на здравствени услуги од областа на физикална терапија и медицинска рехабилитација“, истакнуваат од Фондот.

Постапувајќи по барањето, Првостепената комисија на ФЗОРСМ носи негативната одлука.

„Овде уште еднаш би сакале да укажеме на законските ограничувања при постапување по овој случај, поточно, согласно член 30 став 1 и став 2 од Закон за здравственото осигурување. Осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Осигуреното лице под условите утврдени во ставот 1 на овој член, може да користи во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство, одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Северна Македонија“, велат и додаваат:

„Дополнително, согласно член 44 став 3 од Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Сл. Весник на РСМ“ бр. 234/22) стои: Осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната Универзитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на дијагностичка постапка, контролен преглед пред извршување на болничкото лекување, контролни прегледи по завршување на болничкото лекување за кои осигуреното лице не спровело постапка пред Фондот, за лекување кое не е базирано врз усвоена медицинска доктрина и медицина базирана на докази, како и за лекување кое се наоѓа во фаза на клиничка студија и специјализирана медицинска рехабилитација, нема право на надомест на трошоците на товар на Фондот, согласно одредбите од овој Правилник. Според овие законски и подзаконски одредби, Фондот може да упати осигуреник само на болничко лекување и контролен преглед по одобрено болничко лекување во странство, но не и на медицинска рехабилитација“, посочуваат оттаму.

Потенцираат дека Одлуката на Фондот со која се одбива барањето за упатување во странство, сѐ уште не е конечна.

„Со добивање на решението, странката е известена за редовните правни патеки кои истата може да ги искористи во управната постапка која што ја води Фондот. Во согласност со позитивната законска регулатива, странката при користењето на правните средства има право да поднесе докази и дополнителна медицинска документација за која цени дека можат да влијаат на постапката, а со која би ја оспорил веќе донесената одлука на Фондот“, завршуваат од Фондот.

Слични Објави