| | |

(Галериja) Во село Крупник, Бугарија беше откриено спомен-обележје во знак на почит кон бежанците од село Зарово за време на Меѓусојузничката војна

Со свечена церемонија и во присуство на десетици гости, вчера во селото Крупник, општина Симитли во Бугарија беше откриено спомен-обележје посветено на бежанците од село Зарово – некогашно бугарско село, денес надвор од границите на Бугарија, но останало засекогаш во срцата на неговите потомци, јавува Simitli.info.

Настанот започна со интонирање на бугарската химна, а локалниот свештеник отец Величко одржа водосвет, со кој го освети новооткриениот споменик и ги благослови сите кои придонеле за неговото создавање. Беа положени венци и свежо цвеќе во знак на почит кон предците, кои го напуштиле Зарово во тешките години по Втората балканска војна.

Во официјалниот дел се обрати д-р Камелија Грнчарова со кратко, но длабоко историско слово, кое ги врати присутните кон настаните од почетокот на XX век. Со зборови на почит и благодарност се обратија и кметот на село Крупник – Александар Равначки, претставничката на заровските семејства Тања Билева и членот на иницијативниот одбор Тодор Георгиев.

Гости на настанот беа директорот на локалното училиште Венцислав К’лбов и заменик-директорката Дијана Стефанова – и двајцата потомци на заровски родови. Во подготовката на настанот активно учествуваа и наставниците Станка Т’нова и Николaj Зуљамски од училиштето во Крупник.

Во културно-уметничката програма учествуваа ученици од СУ „Св. Св. Кирил и Методиј“ – село Крупник, меѓу кои Љубомира Борисова и Адријана Дејанска, потомка од Т’новиот род. Детско-јуношескиот фолклорен ансамбл „Македонче“ при НУБ „Владимир Мајаковски“ под раководство на Анна Крумова изведе традиционално оро, а особено емоционален момент беше рецитирањето на стихови на заровски дијалект од страна на потомката на родот Машеви – Снежанка Аргирова.

По официјалниот дел, гостите беа поканети во локалното читалиште, каде што беше поставена етнографска изложба со традиционални носии и обредни предмети – љубезно обезбедени од потомците на заровци. Прославата заврши со трпеза од домашно приготвени заровски јадења.

Така, на денот на откривањето, споменот за Зараво повторно оживеа – не како страница од историјата, туку како жива нишка што го поврзува минатото со иднината.

Фото: Симитли.инфо

Слични Објави