ГДУ-КИЧЕВО: ЖИВОТОТ ВО ПОМАЛИТЕ МЕСТА Е ПРЕТЕЖОК И ВО ЕКОНОМСКА И ВО СОЦИЈАЛНА СМИСЛА
„Животот во Македонија особено во помалите места е претежок и во економска и во социјална смисла. Поради тоа голем број на млади луѓе се приморани да заминат не само од местата во кои се родиле, туку и од својата земја.
Таков е примерот со егзодусот во Кичево, градот во кој и покрај дипломата и знаењето работа не може да се најде. Празни сокачиња, куќи на кои е закачен знак „се продава“ дворови на чии капии се ставени катанци – ваква е сликата денес таму. Младите освен во кафулињата и обложувалниците нема каде да го поминат слободното време. Во градот нема кино, нема базен, нема театар, нема паркови, нема спортски терени. И тие неколку културни манифестации кои се одржуваат еднаш годишно мака мачат да опстојат зошто немаат никаква помош од локалната власт. Плоштадот се полни само за политички митинзи и тоа ако се донесат граѓани со автобуси од други места . СДСМ, ДПМНЕ, ДУИ- властите се менуваа, ама не и локалните шерифи кои го опустошија градот. Нивната ера никогаш не завршила. Затоа и таканаречената „бела чума“ во кичевско зема се поголем замав.
Апелираме дека алармантна е состојбата во овој крај со одливот на млади луѓе. Најголем дел од оние кои по завршувањето на средното образование ќе заминат од овој град не се враќаат зошто нема каде да работат, нема каде да ги прошетаат своите деца, нема каде да возат велосипеди, да џогираат. Заминуваат доктори, инженери, научници. Кичевската болница кубури со кадри и мора да доаѓаат од други градови. Со години се чека на изградбата на нова болница која бомбастично ја најави ДПМНЕ, а СДСМ вети дека ќе ја догради. И тоа чудо никако да се случи. Градот се труе во загаден воздух секојдневно.
Ете затоа сите си ги пакуваат куферите и заминуваат за подобро платени работни места, за поквалитетен живот.
Не смееме да дозволиме внатрешноста да изумира. ГДУ силно се залага за враќање на перспективноста и сјајот во помалите места. Ниту „Преродбата“, ниту „Обновата“, ниту „Планот за живот“ ги сменија работите, напротив трендот на иселување е се поголем.
Ние сметаме дека не се потребни празни ветувања, туку работа на една поголема анализа која ќе ги даде насоките како нештата да се променат и како да си ги задржиме младите, а помалите градови повторно да заживеат. Зошто и Кичево е Македонија и Дебар и Демир Хисар“, се вели во соопштението на ГДУ-Кичево.