ГДУ-КУМАНОВО: БОЛНИЦА ИЛИ ЕКСПЕРИМЕНТ НА МЕНГЕЛЕ?!
Болница или експеримент на Менгеле?!
Преку порталот dosie.mk, дознавме за случајот на наша сограѓанка Илинка Арсовска од село Пелинце, која поради масивен мозочен удар останала парализирана на десната страна од телото. Од Клиниката во Скопје е препратена на понатамошно лекување во Општа болница Куманово.
Нагласуваме ЛЕКУВАЊЕ. Она што и се случува на жената во Кумановската болница не одговара ни на концентрационите логори или Гвантанамо. Има отворена рана декубит, висок крвен притисок и неразбиливо зборување. Како таков, тежок пациент, бара услови за лекување. А тоа го НЕМА!
Сместена во обична соба, без соодветна лекарска грижа и третирање на раната, во нехигиенска постела, таа е оставена сама на себе. И храната нема кој да и ја даде. До таму е отидена нашата човечност!
Граѓанско Демократска Унија- Куманово, не може да остане нема на овој случај. Ни е прв, ни е последен. Ама е слика на нашата сурова реалност и нечовечност. Жената која живее во лоши материјални услови, не заслужува да живее така. Мајка на три деца, мајка-борец, столб на своето семејство нема кој да ја помогне. Нема кој ниту јадењето да и го даде, затоа што таа самата не може.
Што се случи со Хипократовата заклетва? Етичките и моралните обврски на медицинскиот персонал да не се променија? Да не се поништи нивното важење во ова наша квази-држава? Кога не го почитуваме граѓанинот, човекот, тогаш и не сме ништо подобри од крволочните животни. Кога нема солидарност, меѓусебно помагање, нема ниту човечко општество. Сме станале сенки кои единствено ги боли за своите интереси. Никој не постои за нас.
Каде се сега министерот Филипче и директорката Захариева? Нели се тие раководителите кои мора да се грижат за нашето здравје? Не им е обврска само да се сликаат на отварања, на сечење црвени ленти. Не им е обврска ниту само да си поделат плати на своите вработени. МОРААТ да работат за здравјето на луѓето. Не се ветеринари, па така да постапуваат со пациентите небаре се кучиња. За тие исти пациенти влечат пари од Фондот за здравствено осигурување. Ништо не им е бесплатно.
Во случајот ги нема ниту социјалните служби. Семејството на Илинка е оставено самото на себе, иако сопругот и е со хендикеп, а едното од синчињата е со церебрална парализа. Веќе нема ниту кој сиромаштијата да им ја носи на сопствениот грб.
Па сега Граѓанско Демократска Унија- Куманово бара одговорност. Бара некој да објасни што е тоа што во ова наша розева реалност не функционира во здравствените установи. Сакаме Европа, а немаме однесување ниту за во среден век. Другари, далеку сме од цивилизираниот Запад.
Додека не се промениме, не заслужуваме подобро. Кога животот не ни е светина, ние и немаме идеали што би ги чувале и негувале. Сме се отуѓиле од се, но главно од човечкото во секој од нас.

