|

Граѓаните ќе даваат лична согласност за дарување органи по смртта, Собранието го донесе законот за органодарителство

Собранието со 58 гласа „за“ и шест „против“, по скратена постапка, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

Измените предвидуваат воведување лична изјава кај матичен лекар за дарување органи по смртта, со што се напушта досегашниот модел на претпоставена согласност. Граѓаните ќе имаат можност сами да се изјаснат дали сакаат или не сакаат по смртта да бидат органодарители.

Со законските измени се проширува кругот на живи дарители на органи, така што покрај досегашните, ќе можат да бидат и сродници до четврто колено. За секој случај ќе одлучува Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе проверува дали постои притисок, манипулација или трговија со органи.

Министерот за здравство Азир Алиу, образложувајќи го законот, рече дека измените имаат за цел да го унапредат системот за трансплантација и да обезбедат поголема заштита на личната волја на граѓаните.

 



Слични Објави