Граѓанските здруженија „Наследство“ и „Бисерни бранови“ го осудија нападот врз Бугарската амбасада
Граѓанските здруженија „Наследство“ од Скопје и „Бисерни бранови“ од Охрид со остри реакции на осуда по вчерашниот напад врз Амбасадата на Република Бугарија, оценувајќи дека ваквите постапки претставуваат сериозен удар врз безбедноста, меѓународното право и основните принципи на соживот, дијалог и меѓусебно почитување.
Од „Наследство“ потенцираат дека насилството, без оглед на мотивите, не смее и не може да биде средство за изразување ставови или незадоволство. Според нив, нападите врз дипломатски претставништва се особено сериозни, бидејќи ги нарушуваат меѓународните норми и ја загрозуваат стабилноста и довербата меѓу државите.
Здружението ги повикува надлежните институции итно и темелно да го истражат случајот и сторителите да бидат соодветно санкционирани во согласност со законот. Воедно, упатува апел до јавноста за разум, воздржаност и одговорност.
Во сличен тон реагира и здружението „Бисерни бранови“, кое силно го осудува нападот врз Бугарската амбасада и истакнува дека насилството не е и не смее да биде начин на изразување на какво било незадоволство. Од таму очекуваат надлежните институции целосно да го расветлат случајот и да обезбедат одговорност.
И двете здруженија нагласуваат дека остануваат посветени на промовирање на мирот, дијалогот, почитувањето на различностите и решавањето на сите отворени прашања исклучиво преку демократски и ненасилни средства.
