|

„Гранит“ трета недела молчи за камената прашна и бучавата од рудникот во Бразда од кои жителите не смеат да отворат прозорец

Градежното друштво „Гранит“ трета недела молчи за прекумерната прашина и бучавата кои се шират од рудникот во Бразда и ги принудуваат жителите да се чувствуваат како заробеници во сопствените куќи. Компанијата не одговори на прашањата за загадувањето испратени на официјалната електронска адреса, а за проблемот не сакаше да зборува ниту директорот Емил Јорданов, задолжен за рудникот во Бразда иако најави одговор.

„Немам овластување да зборувам, не е моја фирмата“, рече директорот Јорданов на прашањата од „Макфакс“ за прекумерното загадување во Бразда.

Директорот Јорданов не сакаше да каже ниту дали компанијата постапува по задолженијата од Државниот инспекторат за животна средина кој ја задолжи да направи вонредни мерења на ПМ 10 честички во воздухот и повторно да ја измери бучавата откога жителите го пријавија случајот во сите засегнати државни институции.

Жителите половина година се допишуваат со институциите и бараат мерки за итно стопирање на загадувањето. Чекајќи да постапат институциите, самите платиле лабораторија чии истражувања покажуваат надминување на максимално дозволените граници и на ПМ10 честички во воздухот и на бучавата.

Градоначалникот на Општина Чучер-Сандево, Зоран Бајовски, на чија територија е рудникот, не ја исклучува можноста во одредени периоди загадувањето да е повисоко.

„Рудникот е на таа локација повеќе од педесет години пред да бидат изградени тие дванаесетина куќи чии жители се жалат на загадување. Ги има сите потребни дозволи, но можно е во одредени периоди да има поголемо загадување. За тоа треба да се постапи по примерот на ‘сејв сити’, секој што вози повеќе од 50 добива казна“, рече градоначалникот Бајовски.

Нагласи дека како Општина веднаш постапиле по пријавата од жителите, го препратиле проблемот во Државниот инспекторат за животна средина оти немаат инспектор за животна средина, а од таму веќе направија вонреден надзор во кој не се констатирани неправилности но компанијата е задолжена да направи нови мерења. Инспекцискиот надзор ќе продолжи кога Инспекторатот ќе ги добие тие мерења.

 



Слични Објави