|

Грковска: Сајбер-безбедноста носи исти предизвици за сите земји, неопходен e заеднички и координиран пристап

„Ниедна земја не може самостојно и изолирано да се справува со предизвиците на сајбер-безбедноста и сајбер-отпорноста. Бидејќи, независно колку една земја е развиена или не, сите ние се соочуваме со истите ризици, со истите предизвици и затоа координиран и заеднички пристап е неопходен“. Ова го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во своето воведно обраќање на глобалната конференција за градење сајбер-капацитети ‘Сајбер-отпорност за развој’, која неделава се одржува во Акра, Гана, во организација на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE), заедно со Светската банка, Светскиот економски форум (WEF) и Институтот за сајбер-мир.

Истакнувајќи ја важноста на настаните, кои придонесуваат за обликување на иднината на светско ниво, Грковска нагласи дека е исклучително важно сајбер-политиките да бидат составен дел од колективните напори за намалување на разликите во социо-економскиот развој и реализацијата на глобалните развојни цели.

„Од една страна, дигитализацијата помага да се забрза развојот и да се направат позначајни чекори кон подобрување на услугите и стандардите за граѓаните во помалку развиените земји. Но, од друга страна, уназадувањето или стагнацијата на ова поле станува дополнителен комплицирачки и поткопувачки фактор за сите други развојни политики“, истакна Грковска.

Таа додаде дека за успешен процес на дигитална трансформација на општеството, но и на сајбер-безбедно и отпорно општество, клучно е градењето широк, не само политички туку и општествен консензус за потребата од инвестиции во соодветни технички капацитети и инфраструктура, како и за градење стручен човечки капитал со знаење и квалификации за подобрување на севкупните дигитални вештини.

На самото отворање на глобалната конференција учесниците заеднички поддржаа „Акра-повик за развивање сајбер-отпорност“, кој се залага за посилно партнерство и координација и кој претставува рамка за глобална акција.

Во текот на денешниот ден вицепремиерката ќе биде говорник и на две панел-сесии, кои ќе бидат посветени на процесите на јакнење на капацитетите за сајбер-безбедност, како и за родовиот јаз и неконвенционалните стратегии за инклузија на жените во овој сектор.

Слични Објави