| |

ГРУПА АКАДЕМИЦИ СО СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА: СО ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА НАШАТА ИСТОРИЈА ПОЧНУВА СО 1945 Г.

„Постојат индиции дека со договорот со Бугарија се актуализира негацијата на правото на македонскиот народ на средновековната и нововековната историја. Како резултат на таквите политики, македонската историја официјално би започнала дури од 1945 година. Македонскиот идентитет е богат, тој не се исцрпува со овие историски личности, но никој нема право да ја негира нивната историска улога во повеќевековната борба за конституирање на автономна македонска држава. Чувствителноста спрема историската фактографија главно произлегува од политичките концепти, но се рефлектира и врз научните, особено кога инсистира врз политичка коректност. Систематското осуетување на македонската државна автономија во 19 век не е знак за неоформен македонски идентитет, туку последица на регионални, балкански и пошироки европски геополитички интереси. Таквиот пристап не е европска вредност. Европската цивилизација почитува, а не негира идентитети, подразбира плуралност и инклузивност во толкувањето на историјата, а не негација и присвојување на туѓата историја. Неопходно е да се почитуваат научно легитимните методи на толкување на споделените историски настани и на историските факти во рамки на дадените историски околности, со цел да се избегне ексклузивниот однос спрема историјата, однос кој резултира со екстензивно и нетолерантно присвојување историјата“, пишува во соопштението на оваа група академици.

Според нив, научната расправа околу националната и културната историја на Македонците и на Бугарите треба да се води непристрасно и независно од владејачките политички платформи, а не под нивно влијание.

„Во таа смисла, функцијата на билатералната македонско-бугарска комисија не се состои во тоа да ги затвори, во експресен рок, отворените прашања, ниту да биде политички коректна алатка на актуелната власт во двете држави. Политичките матрици во двете држави се менувале радикално во текот на 20 век, па комисијата нема мандат да настапува селективно и прагматично-политички спрема тие матрици, ниту да прави ревизија на востановениот идентитетски наратив на македонскиот народ. И Цар Самоил и Гоце Делчев, како и многу други историски личности кои живееле во специфични општествени констелации се неотуѓив дел од македонската колективна меморија и од македонскиот државотворен наратив. Ставовите на оваа комисија треба да бидат засновани врз мултидисциплинарни научни експертизи, што значи дека треба да се создадат услови за долгорочни и специјализирани научноистражувачки дијалози“, сметаат тие, стои во писмото објавено од Макфакс.

Слични Објави