|

Хрватска и Украина потпишаа писмо за намера за заедничко производство на оружје

Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ и неговиот украински колега Денис Шмигал вчера во Киев потпишаа писмо за намера за заедничко производство на оружје, соопшти Министерството за одбрана на Хрватска, цитирано од агенцијата ХИНА.

Анушиќ изјави дека Хрватска „многу добро разбира низ што поминува Украина“, бидејќи и самата Хрватска „го искусила ужасот на војната“.

„Преку вашата борба и отпор, вие ја држите војната далеку од границите на Европската унија. Поради тоа, и Европската унија и Хрватска мора да ја поддржуваат Украина, затоа што украинскиот народ во суштина се бори за цела Европа“, истакна Анушиќ, цитиран од хрватската агенција.

Писмото за намера, потпишано помеѓу хрватското и украинското Министерство за одбрана, се однесува на соработка и заеднички проекти меѓу двете одбранбени индустрии.

Украина веќе има потпишано слични писма за намера со неколку земји членки на ЕУ како дел од својата програма „Изгради со Украина“ (Build With Ukraine), која има за цел поддршка и развој на украинската одбранбена индустрија.

Во овој необврзувачки документ, двете министерства нагласуваат дека безбедноста на Украина е неразделен дел од безбедноста на Европа и дека градењето одржливи синџири на снабдување и мобилизирањето на одбранбената индустрија се од клучно значење за двете земји.



Слични Објави