Има договор околу ресорите, но Мицкоски нема да коментира ниту ресори ниту персонални решенија до 20 часот утре
Што ќе добие ЗНАМ, а што Вреди со реконструкцијата на Владата премиерот Христијан Мицкоски ќе соопшти утре, по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој денес официјално кажа само дека има договор околу ресорите.
„Ние не сме разговарале за персонални решенија, за имиња. Принципиелно имаме договор околу ресорите. Јас во минатото кажав додека не се заврши седницата на Извршниот комитет на партијата, нема да коментирам ниту ресори, ниту имиња. Почекајте до утре отприлика до 20 часот, јавноста ќе биде детално запознаена. До утре во 20 часот нема да коментирам ниту ресори ниту персонални решенија додека не помине седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“ рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нова детска градинка во Трубарево.
За овој месец е предвидено Владата да ја заврши реконструкцијата, предвиден е ребалансот на Буџетот и доколку има потреба на одредени седници ќе се усогласат одредени реформски закони кои се потребни за реформската агенда. Измените на директорските места ќе останат за септември.
