IN MEMORIAM: ГРИГОР ВЕЛЕВ: АМБИЦИЈА И СТРАСТ

Си замина Григор Велев и Македонија остана без уште еден вљубеник во нејзиното минато, но и без докажан поддржувач за нејзината, се уште матна и нејасна иднина.

Се запознавме некаде во средината на деведесетите години во просториите на Пиротска 5, на влезот во канцеларијата на Красимир Каракачанов. Ретко дотогаш имав видено таква импресивна персона. Висок, крупен, елегантно облечен, со аристократски лик како оние стари бугарски аристократи, речи сите ликвидирани од комунистите после 1944 година. Господе Боже, како ли овој опстанал, си помислив во првиот миг. Потоа разговаравме. Пред мене се претстави еден неверојатно образован лекар, информиран за сите случувања во Македонија. Откривав пред мене една личност полна со страсти и амбиции и еден дотогаш невиден егоцентризам, насочен кон остварување на секоја негова замисла, оплеменет со невидено човекољубие. Ме покани во неговиот дом и се запознав со љубезната Галина, неговата сопруга која секогаш со гордост говореше дека е по потекло од Лазарополе и е блиска роднина на тогаш, опозиционата потпретседателка на ВМРО ДПМНЕ Доста Димовска.

Потоа пријателството се зацврсна а времето носеше свои промени. Роднинството со Доста Димовска заврши со разочарување, како што завршуваат и сите македонски/бугарски односи кога едната страна ќе се вивне во висотите на власта. Нашите односи се зацврстија и се среќававме често. Тогаш разбрав дека се работи за вистински интелектуалец-лекар со богата биографија на напишани и издадени книги и најсуптилни познавања на македонската/бугарската историја. Со завист ги гледав книгите наредени на полиците на неговата работна соба, огромен опус и онака, по македонски, иронично му забележував дека тој “повеќе напишал одошто прочитал“! Не се лутеше, само онака господски, на висок стил одмавнуваше со рака и презрение ги отклонуваше моите иронични забелешки…беше голем во секој поглед.

Денес кога го нема веќе меѓу нас, се прашувам дали некој ќе ја отвори и ќе ја препрочита неговата “Бугарска национална доктрина“, толку нужна на Бугарија во ова безвремие, полно со одроденици од сопствената плот. Ќе се најде ли некој да го продолжи и обогати капиталното дело “Историја на македонските бугари“, полно со податоци и одредници од кои се гледа нераскинливата врска на луѓето од двете страни на Осогово. Се прашувам кој сега ќе ги пречека македонските студенти по медицина на факултетот во Стара Загора. Таму, неговата канцеларија за тие млади души беше дел од нивната татковина.

Лесен ти пат Григоре и многу, многу светлина по патот!

Автор: Владимир Перев