ИЗЛОЖБА НА ГРАФИКИ ОД ГРАФИЧКАТА РАБОТИЛНИЦА СОФИЈА ВО МУЗЕЈ НА ГРАД СКОПЈЕ
Повеќе од 120 графики создадени на последните три главни сесии на „Графичката работилница Софија Богданци“ ќе бидат изложени во Музејот на Град Скопје. Станува збор за дела во различни графички техники чии автори се млади и талентирани уметници од академиите во Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Осиек, Љубљана, Варшава, Солун, Сараево, Софија и Скопје.
Традиционалната триенална изложба, која ја организира Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, ќе биде отворена во вторник (26 ноември) во 19:30 часот. На отворањето, за графиката како уметност и за единствената графичка работилница од ваков тип во земјава и регионот ќе говорат Националниот координатор за развој на култура, Роберт Алаѓозовски и графичарот и професор, Тони Васиќ.
„Графичката работилница Софија – Богданци“ е јадрото на едно продуктивно уметничко движење кое веќе 12 години ги обединува младите графичари од Македонија и од регионот. Настан кој навидум има само локално значење, но всушност е една успешна регионална приказна која претендира да го одржи приматот на графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз.
Главната сесија се одржува секоја година на крајот на август и почетокот на септември и на неа до сега имаат учествувано над 200 уметници од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Целта на графичката работилница и пред сè на главната сесија е да го поттикне традиционалното создавање на графички израз. Учесниците имаат ретка можност да творат во сите традиционални техники (висок, длабок, рамен и пропустен печат) и да разменуваат искуства со графичари од други ликовни академии.