|

ЈАПОНСКАТА НОВИНАРКА КОЈА СТАНА СИМБОЛ НА ДВИЖЕЊЕТО #METOO ДОБИ ОТШТЕТА ОД 30.000 ДОЛАРИ

Јапонски суд му нареди на ТВ-репортерот од висок профил Нориуки Јамагучи да ѝ исплати 3,3 милиони јени или 30.000 американски долари како отштета на новинарката Шиори Ито, која го обвини за силување, објави Би-би-си.

Ито тврдеше дека Јамагучи ја силувал во 2015 година додека била во несвест. Обвинителството по истрагата сооопшти дека нема доволно докази за кривично дело, па Ито поведе граѓански случај. Таа стана симбол на движењето #MeToo во земја каде луѓето ретко пријавуваат сексуален напад.

„Многу сум среќна“, рече 30-годишната Ито, која имаше знак на кој пишуваше „Победа“ откако беше објавена пресудата.

На прес-конференција неколку часа подоцна Јамагучи рече дека планира да се жали на пресудата и повторно ги негираше обвинувањата за силување.

Според Ито, 53-годишниот Јамагучи, за коgo се зборува дека има блиски врски со премиерот Шинзо Абе, ја поканил на вечера за да разговара за можна работа. Таа се сомнева дека можеби била дрогирана, велејќи дека кога ѝ се вратила свеста била во хотелска соба и тој бил врз неа.

Ито тогаш била практикантка во новинската агенција „Ројтерс“, а Јамагучи бил шеф на канцеларијата во Вашингтон на Радиодифузија Токио, главна медиумска фирма во Јапонија.

По пријавата за силување, била отворена истрага, но полицијата ја прекинала поради недоволно докази. Новинарката рекла дека полицајците ја натерале да го прикаже наводното силување на кукла.

Според една анкета на Владата на Јапонија од 2017 година, само 4% од жртвите на силување го пријавиле злосторството во полиција.

Извор: Макфакс

Слични Објави